
Постојат животи што се менуваат полека, постепено, со годините. И постојат животи што се кршат во еден миг.
Приказната на Викторија Давидова е од вториот вид — суров, неочекуван и неправеден.
Пред несреќата, Викторија имала живот што многумина би го посакале: здрава, активна, насмеана 13 годишна девојка.
Кошарката не ѝ била само хоби, туку била и дел од репрезентација. Теренот бил нејзин дом, топката продолжение од раката, а иднината-светла како и нејзината насмевка
„Играв кошарка, бев дел од репрезентација… мислев дека тоа ќе биде мојот пат. А потоа, сè заврши во еден миг.“-вели Викторија.

Толку малку зборови, а толку тежина во нив.
Секој што некогаш го изгубил најважниот дел од себе, ќе ја препознае болката скриена меѓу редови. Некогашниот живот, тој брз, динамичен, спортски живот, сега ѝ изгледа како да е далечен со години, како приказна што и самата тешко ја препознава.
“Никој не мислеше дека ќе се случи вакво нешто, имав други соништа, други планови, други цели, но, тоа е што е. Нема назад.”
Но најтешкиот дел не бил само губењето на спортот.
Несреќата ја оставила во кома три месеци. Три месеци тишина, три месеци неизвесност, три месеци во кои времето за сите продолжило — освен за неа.
Кога се разбудила, ја чекал нов свет.
Побрз, повисок, понеразбирачки.
„Не бев родена со попреченост. Тоа ми се случи. Одеднаш. Благодарение на моето семејство успеав повторно да се кренам на нозе и да одам сама, а покрај тоа и да ги извршувам другите обврски самостојно.“
И новиот живот не бил тежок само поради телото. Тешки биле луѓето.
Викторија зборува отворено за тоа со што се соочува секојдневно:
„Луѓето многу често ги осудуваат лицата со попреченост. Ретко некој ќе ти отстапи место во автобус. На каса тешко те пуштаат пред нив… иако гледаат дека ти е напорно. Луѓето не разбираат дека ние не го бираме хендикепот, најчесто тој не’ наоѓа нас. Но тоа е само почетокот. Тука се тротоарите што личат на пречки, скали без рампи, институции во кои човек со тешкотија едноставно не може да влезе, погледи што се лепат таму каде што најмалку ни требаат. А најтажното е што многу од тие пречки се намерни.”
Сепак, и во тоа, Викторија не дозволува горчината да ја проголта. Напротив — таа повторува една мисла што би ни била лекција на сите нас:
„Не е важно кој и што е некој. Важно е што носиме во срцето. Во секој друг поглед, сите сме исти.“
Тоа не се празни зборови. Тоа е филозофија родена од болка, преживеана на кожа, потпишана со храброст.
И кога ќе ја слушнеш, сфаќаш дека нејзината приказна не е само трагедија. Тоа е борба, контранапад, нов почеток.
“Во Дневниот центар за интелектуална попреченост-“Пролет” каде што поминувам време со моите другари кои имаат слична ситуација како мојата, се обидувам да им помогнам колку што можам, давам се’ од себе барем малку да им олеснам, бидејќи знам како е кога никој од надвор не ти подава рака за помош.”
Таа одамна си поставила мото што денес ја движи напред:
„Можам, морам и ќе успеам.“
На крајот, вистината е едноставна: лицата со хендикеп не бараат сожалување, туку разбирање. Немаат потреба од привилегии, туку од еднаква шанса. Хендикепот може да го промени телото, но не и човекот — не неговата вредност, ниту неговото достоинство.
И ако има нешто што треба да запаметиме, тоа е дека не се мериме по она што ни недостасува, туку по силата со која продолжуваме напред.