ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.04.2023
Хуманитарен Велигденски концерт на 20 април во Штип
Автор: Goce Author

Хуманитарен Велигденски концерт на Средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип и Ротари клубот се враќа по неколку годишна пауза. На 20 април, во салата на НУЦК „Ацо Шопов“ , за цена од 250 до 350 денари, посетителите ќе можат да уживаат во изведбата на учениците од „Сергеј Михајлов“, и истовремено да помогнат во опремувањето на училиштето.

„По пауза од 4 години, кога се случи првиот Хуманитарен Велигденски концерт, повторно на наша иницијатива и на Ротари клубот се започнати подготовките за овогодишниот Велигденски концерт кој е од огромно значење за нас, нашите ученици и професори. Концертот е од донаторски карактер, има за цел нашето училиште да се збогати со поголем дел на инструменти, или некој дел од опрема која ни е потребна. Благодарност од срце за целата организација, за поддршката која ја имаме од Ротари клубот, а пред се од нашите ученици и професори кои макотрпно работат на овој проект“ – изјави Горан Кавраков, Директор на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“.

Хуманитарниот Велигденски концерт ќе собира средства за инструменти за учениците на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“

Се надеваме дека концертот, кој го организираме со помош на УСАИД и Фондацијата за развој на локалната заедница Штип ќе прерасне во традиција, рече д-р Борислав Манев, актуелен претседател на Ротари клубот од Штип.

ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ направи јубилеј – 10-ти предновогодишен концерт!

„Сакам да ја искористам приликата, да ги повикам сите општествено одговорни компании да се вклучат во помагање на самиот проект. Собраните средства ќе бидат дуплирани од страна на членовите на клубот Ротари Штип. Од претходниот концерт средствата ги искористивме за реновирање на неколку училници. Годинава средствата ќе бидат наменети за набавка на музички инструменти кои ќе ги користат учениците на музичкото училиште“ – додаде Манев.

Билети за концертот ќе може да се купат во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, Аџико маркетите и Сити поинт во центарот на Штип.

Програмата на концертот ќе биде составена од традиционални македонски народни песни, аранжирани за симфониски и народен оркестар.

„Традицијата и фолклорот се едно нешто кое треба сите да го негуваме, посебно во ова денешно време, во овој модерен свет. На нас македонците останува да го негуваме и да ни дадете голема поддршка, бидејќи голем дел од собраните средства ќе бидат наменети за набавка токму на традиционални македонски народни инструменти, кои наши идни и актуелни ученици ќе ги користат“ – изјави Илија Ќосевски, професор по народни инструменти.

Диригент на концертот ќе биде професорот Тоше Митрев, а учество ќе земат стотина ученици. Почетокот на концертот ќе биде во 20 часот, на 20.04.2023, во салата на НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
(Видео) Гоце.мк ве носи зад сцената на Макфест 2026