ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.12.2021
Интересот за студирање новинарство се намалил за шест до девет пати

За секое демократско општество е важно да има што повеќе новинари кои точно и независно ќе известуваат за работи кои се кријат од јавноста. Новинарите често се под закани и уцени, бидејќи често откриваат нешто што некому не му одговара. Во последните 15 години, за шест пати е намален бројот на запишани студенти на новинарство, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а за девет пати се намалил бројот на студенти запишани на новинарски студии, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

Разговаравме со професорот Андон Мајхошев од Правниот Факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип во однос на слабиот интерес за студиите по новинарство. Професорот Мајхошев вели дека проблемот е повеќедимензионален и дека еден од најважните е статусот на професијата. Во текот на транзицијата новинарите беа изложени на голем политички притисок од одредени политички и бизнис центри на моќ.

Проф. Андон Мајхошев


Прочитајте и: Повик за новинари, студенти по новинарство и медиумски работници


„Во борбата за гола егзистенција многу од нив потпаѓаа под влијание на политичките елити и уредниците ставајќи се во улога на слепи послушници и вазали на одредени политики. Наместо слобода на медиумите завладеа цензурата и автоцензурата но, имаше и такви новинари кои, со сите сили се бореа да ја сочуваат независноста на медиумите, но и својот професионален и личен интегритет“, вели професорот Мајхошев.

Во првата генерација студенти на студиската програма новинарство и односи со јавноста на Правниот факултет при УГД Штип се запишале 24 студенти и тоа била максималната бројка што ја достигнал Факултетот. Во следните генерации бројот на студентите постојано се намалува, а на последните неколку уписи тој број се стабилизира на 3-4 студенти.


Прочитајте и: Истражување на ССНМ: Со плата под просекот, младите новинари би ја напуштиле професијата!


Во однос на тоа дали помалите плати може да бидат проблем за помал интерес за новинарски студии, професорот рече дека во земјава нема невработени новинари веќе една деценија и тоа покажува дека оваа професија е барана на пазарот на трудот, што е предност за идните студенти.

„Познато е дека новинарите немаат високи плати, а имаат огромна одговорност и се подложни на големи притисоци и стресови. Поради тоа, средношколците се определуваат за други професии кои се подобро платени, а новинарството го заобиколуваат. Сепак, во професијата почнаа да дуваат нови ветришта, влегоа многу млади и добро едуцирани новинари, меѓу кои и наши завршени студенти, кои даваат нов квалитет на професијата. Платите на новинарите постепено се стабилизираат и во блиска иднина убеден сум дека ќе се зголемат, а со тоа и интересот за студирање ќе порасне“.

https://unsplash.com/photos/VCFxt2yT1eQ?utm_source=unsplash&utm_medium=referral&utm_content=creditShareLink

Можност за работа има и пред завршување на студиите.

За причините зошто е важно студентите да ги изберат студиите по новинарство, професорот Мајхошев објасни дека ќе можат да се вработат пред дипломирање и дека има глад за новинари на пазарот на труд.

„Студентите ќе учат од професори и искусни новинари практичари кои знаат како да ги пренесат тајните на новинарството и односите со јавноста. Освен тоа, ќе научат да размислуваат критички, да препознаваат лажни вести, дезинформации, пропаганда, дискриминација и говор на омраза, но и да препознаваат правда, правичност и социјална правда“.

За тоа што според него значи новинарството, рече дека новинарството е професија без која демократијата се претвора во автократија, општеството заробено, а поединецот заборавен, безличен, без став и со заробен ум.


Прочитајте и: Нема правда за новинарите – случаите на напади врз нив и натаму не се решаваат


„Новинарството е креативна професија која има голема моќ да контролира, мобилизира, предупредува, критикува, ги прави проблемите видливи, насочува и ослободува енергија за промени во општеството. Основата на професијата е новинарот и нејзиниот успех зависи од неговиот професионален кредибилитет. Тоа е слободоумна професија која може да опстане со сиот свој потенцијал само во слободни и демократски општества, каде што слободата на изразување е нејзиниот најголем потенцијал. Можеме да го дефинираме и новинарството како чувар на демократијата, но тоа е училиште на демократски вредности“.

Идните студенти коишто би сакале да студираат новинарство, можат да бидат привлечени со квалитетна теоретска настава, каде теоријата се практикува во студентското радио, интерната универзитетска телевизија веб страниците и студентскиот весник Студентско Ехо.

„Студентите ќе бидат вклучени во разни проекти, едукации, како и натпревари, а ќе имаат можност директно да ги следат сите поважни настани на Универзитетот и Факултетите. Секако дека е важна и рекламата на Факултетот и студиските програми преку сите можни форми на претставување, особено преку современите дигитални алатки, платформи и социјални мрежи. Сепак, студентите се најголемата реклама на студиската програма по Медиумски студии и односи со јавноста. Секој успех на студентите и професорите од било кој аспект треба јавно да се истакне во јавноста со цел тоа да допре до средношколците кои ќе добијат информација од прва рака дека на факултетот сериозно се работи. “, истакна професорот Андон Мајхошев.

 

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?