
Искра Донева образованието го започнала по болниците и болничките ходници, но тоа не ја обесхрабрило. Образованието и го трасирало патпот кон успехот.
Кога ќе те прашаат ” како си?”, имаш две опции – да кажеш ” добро сум” бидејќи навистина си, или да кажеш ” добро сум” и да веруваш дека си на добар пат да го достигнеш тоа.
Нема трета опција – тоа е мотото на младата Искра Донева.
Искра Донева
Иако од раѓање боледува од церебрална парализа и животот ја ставил пред многу сурови тестови и ѝ поставил бројни пречки, нејзиниот став кон животот, нејзиниот позитивен поглед кон истиот, харизмата и енергијата која ја зрачи а која извира од неа, се нејзин најголем адут.
Кога ја прашувам Искра кои се предизвиците, тешкотиите, неправдите со кои секојдневно се соочува, таа секогаш преферира да ги истакне достигнувањата, своите успеси, квалитети, без разлика колку и да бил тежок секој еден чекор до нив. Таа со жар во очите гледа напред и се радува на секоја своја победа.
Иако можела да се препушти на животните околности и да избере да биде жртва, Искра избрала и бира да биде победник.
” Иако ми се нанесени бројни неправди, никогаш не сум се разочарала. Секогаш го истакнувам тоа дека ние сами на себе сме си најголемо богатство.”
Уште од најрано детство, Искра цврсто верува во себе и со сигурност и верба го трасира својот пат кон нејзините зацртани цели.
” Кога требаше да го започнам образованието и да тргнам во прво одделение, јас минував низ болнички ходници и операциони сали во Костозглобната болница во Охрид.
Ми беа извршени девет ортопедски операции а пред мене беа уште многу рехабилитации, поради кои ме советуваа за одложување на школувањето, на што остро се спротивставив.
Така, мојот образовен процес го започнав во болнички кревет во Охрид, заедно со останатите дечиња кои беа хоспитализирани.
Тоа беше млак импровизиран обид за држење часови додека ние лежевме во болничките кревети. Јас веќе знаев да читам, пишувам, бројам и сметам, имав општи познавања… Ми беше здодевно… Мојот интелект бараше повеќе…
По враќањето дома во Скопје, незамисливо ми беше да продолжам во специјалното училиште „Иднина“.
Ги замолив родителите да отидат до најблиското основно училиште, од каде, зажал се вратија потиштени со одговор дека училиштето нема услови да ме прими (архитектонски, персонал).
Дотогаш немало таков случај. Со свои седум години, инсистирав да ме однесат лично да разговарам со директорката. Немавме закажано состанок, чекавме пред нејзината канцеларија да не прими. Таа побара да остане насамо со мене за да ме испита. Објаснив што сѐ знам и колку многу сакам да учам и да се дружам со врсниците, не прифаќам друго… Ако сум физички немоќна, умот може се, алатка која треба да ја развивам за да си помогнам низ животот. Тој аргумент победи. Беше фасцинирана. Прифати да ме прими под услов да сум во количка и да има некој од семејството со мене вон часови. Ја добив најдобрата учителка, редев петки и успеси, бев пример и гордост за сите… ” – раскажува Искра.
По завршувањето на основното образование, Искра го продолжила своето образование во природно-математичка гимназија.
Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а на истиот факултет се запишала и на постдипломски студии.
Стекнатото образование ѝ го трасирало патот до успехот и ѝ отворило многу врати. Денес таа е вработена во општина Скопје.
” Сакам да истакнам и да им нагласам посебно на младите генерации, да не го занемаруваат значењето на стекнување на образование, на диплома. Наспроти сѐ со што се соочувам, образованието беше она што ми помогна да се изборам, бидејќи без оглед на околностите во кои сум се нашла, мора да нагласам дека само и само образованието беше значајно во остварувањето на моите достигнувања.
Со тоа што завршив уметност, колку и да не е ценета, сепак отвара еден голем спектар на можности за кариера на тоа поле.
А она што пред сѐ ме навело да дојдам до овој степен на образование е фактот што сум многу љубопитна личност. Иако љубопитството и знаењето се фрлени во сенка, сепак се вредности што не губат од приматот.”
Љубовта кон учењето и стручната литература, книгите и воопшто пишаниот збор се пасија на Искра. Покрај што е страствен читател, Искра и самата е автор на неколку дела.
„ Јас сум љубопитна личност, личност со многу желби. Љубопитството е прво нешто што да те тера да почнеш нешто, било да читаш или пишуваш.
За мене книгите се портал, средства за да се оживее тој свет кој тие го содржат. Без разлика дали читаш или пишуваш книга, нештото за кое се пишува ти го преживуваш, го доживуваш, го чувствуваш.
Круцијална за пишување е фантазијата, преку која ги истражуваш своите креативни пориви. Преку читањето и посебно преку пишувањето јас живеам многубројни животи.
Со помош на книгите ги доживувам сите оние нешта и улоги кои во реалниот живот не можам – еднаш сум балерина, друг пат космонаут …Можностите се бескрајни”
Човек треба да се истражува себе си за да се запознае, и кога ќе се запознае, ќе знае вистински да се цени.
Јас верувам дека човек е сложувалка која сам си ја сложува .
Талентот за пишување ми отвори многу врати, а сметан дека беше пресуден на интервјуто за работа, каде се претставив во вистинско светло , како идеален кандидат со талент за пишување проекти, кои ќе бидат атрактивни и привлечни за инвеститорите. – додава таа.
Искра секогаш се потпирала на себе.
Сама, на крилјата на желбите и волјата, со непредушна искра за живот и копнеж кон подобро утре.
Оваа млада инспиративна дама, вели дека секогаш се натпреварува сама со себе, секогаш се труди да биде подобра од личноста која била вчера, и порачува дека единствено во само таков натпревар треба да биде секој од нас.
“Колку и да е светот околу мене неубав, јас во главата имам свет убав. Не е розов и не е нереален, туку создаден така што во секоја ситуација, каква и да е и колку и да е лоша, јас секогаш бирам да го видам позитивното, убавото нешто во неа.” – вели Искра.
Позитивниот став кон животот и вербата во себе се најважни.
“Сигурно го знаете митот за обидот за создавањето на совршен маж. Божицата имала двајца мажи, едниот со атлетско тело но не многу паметен, а друг со непривлечно тело но со огромна интелигенција.
Кога им заменила главите мислела ќе добие совршен маж. Но,се случило неочекуваното. Оној кој бил атлетски граден, атрофирал, а другиот го развил телото. Тоа е она што сакам да нагласам – телото се храни од умот. Тоа е таа двонасочна комуникација меѓу главата и телото.
Таа е клучна. И јас сум задоволна од комуникацијата со моето тело.” – вели Искра.
Колку и да е тешко, таа го цени и се радува на секој еден чекор кој го прави.
https://goce.mk/ova-se-omilenite-knigi-na-tomitka-randalieva-ko%d1%98a-lani-prochita-438/
Често потенцира дека ова е состојба со која се соочува од раѓање, но свесна е дека може да напредува и да оствари многу, многу повеќе.
Најголема желба ѝ е да го продолжи лекувањето со матични клетки во Русија и овозможување на секојдневна физикална терапија која за нејзината состојба е задолжителна.
Како лице со хендикеп кое живее само, на Искра секогаш и е добредојдена нашата поддршка и помош, пред сѐ морална.
Сите ние можеме да помогнеме за остварување на овој сон!
Покрај постоечките сметки за донации, можеме да го поддржиме творештвото на Искра и да ги купиме нејзините книги кои се со симболична цена, со што директно помагаме во собирање на неопходните средства.
За нарачки, контактирајте ја Искра на нејзиниот ФБ профил или на телефон, Искра секогаш е желна за друштво и е одличен соговорник.