ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
24.10.2023
Како е да се доживее студентско Еразмус искуство?

Сара Денкова е студент петта година на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“- Штип и моментално ги користи поволностите кои ги нуди Еразмус плус програмата на УГД. Зимскиот семестар , односно наредните шест месеци таа ќе ги помине студирајќи на Универзитет во Осијек , Хрватска, а за Гоце.мк го раскажува нејзиното досегашното искуство.

Сара Денкова

Осијек таа го избрала поради поклопувањето на предметите кои ги изучува и овде на УГД, но и поради блискоста на јазикот.

„Осијек беше мојата прва опција, станува збор за студентски град во Хрватска. Станува збор за универзитет кој што нуди мобилност за студии и за пракса. Јас ја одбрав мобилноста за студии, предметите кои што ги слушаат овде во петта година се совпаѓаат со нашите предмети од петта година и тоа е од големо значење и една од причините зошто го одбрав Осијек. Исто така многу важно е тоа што можеме лесно да комуницираме и да се разбираме и со пациентите со тоа што со нив комуницираме на хрватски јазик. Наставата исто така ја следам со редовните студенти на хрватски јазик, книгите од кои што учиме се исто така на хрватски и тоа е голема предност за спремање на испитите.“, вели Сара.

Студентскиот дом во Осјек

Наставата таму во фокус го става интерактивното учење

Сара нејзиниот ден го опишува со почеток на пракса во болницата, па потоа со попладневни предавања и на крајот следува семинар со квиз на кој си ги проверуваат знаењата од предавањето. Ваквиот начин не само што е интерактивен, туку помага и во активно учење на материјата.

„Еден предмет се слуша неколку недели, во зависност од обемноста на истиот. Според мене овој начин на студирање е навистина многу корисен особено за по обемните предмети затоа што секој студент има неколку недели да се посвети на материјалот за тој предмет. Имаме доволно време и практично да го совладаме, да го научиме, а преку семинарот да го повториме тоа што веќе сме го слушале. Семинарот е мотив да бидеме активни и да слушаме на предавањата затоа што потоа од квизовите кои што ги решаваме добиваме поени, оние студенти кои што имаат помал број на поени имаат задача да направат презентација за одредена болест и да ја презентираат истата.“, вели Сара.

Една од многуте читални во студентскиот дом во Осјек

Покрај активниот начин на учење, Сара препознава и други бенефити од Еразмус програмата

Според Сара , ова искуство е позитивно бидејќи ги учи како да се снаоѓаат сами, да запознаат други култури како и студенти од различни држави. До сега таа запознала студенти од Турција, Шпанија, Португалија, Чешка, Словенија, Русија и имала можност да дознае повеќе за нивниот јазик и култура. Исто така , студентите имаат прилика и да учествуваат на едукативни настани, забави, патувања организирани од координаторите задолжени таму.

„Станува збор за едно доживотно студентско искуство. Би ги советувала да ги искористат сите шанси и да го направат тој чекор кој што и го пружи нашиот Универзитет. Затоа што стекнувањето на нови пријателства, запознавањето на нови култури, патувањата, збогатувањето на нашите знаења и усовршувањето на нашите практични вештини се нешто кое вреди да се доживее и нешто кое на нас како студенти ќе ни остане во сеќавање и секогаш ќе го разубавува периодот од  нашето студирање.“, вели Сара.

Осјек

Резултати од конкурс за 500 стипендии за ученици од дуалани паралелки од здравствена струка
Колку чини студирањето и дали евтино образование значи повеќе образовани?