
Климатските промени се најголема закана за човештвото, велат од СЗО, а дел од причините се екстремните горештини, загадувањето на воздухот и ширењето на смртоносните заразни болести.
– Глобалното затоплување мора да се ограничи на 1,5 степени Целзиусови за да се избегнат катастрофални здравствени влијанија и да се спречат милиони смртни случаи поврзани со климатските промени, предупредува СЗО.
Image by Freepik
Но, според сегашните национални планови за намалување на емисиите на јаглерод, светот е на пат да се загрее за 2,9 степени овој век, објавија ОН минатата недела.
Иако никој нема да биде целосно поштеден од ефектите на климатските промени. Еекспертите очекуваат дека најранливи ќе бидат децата, жените, старите лица, мигрантите и луѓето во помалку развиените земји кои всушност испуштаат најмалку стакленички гасови.
Екстремни горештини
Оваа година генерално се очекува да биде најтоплата досега. И како што светот продолжува да се загрева, се очекуваат уште почести и поинтензивни топлотни бранови.
Се верува дека минатото лето жештините предизвикаа повеќе од 70 илјади смртни случаи во Европа. Овој податок го претставија научниците минатата недела, ревидирајќи ја претходната бројка од 62 илјади.
Низ целиот свет, луѓето минатата година биле изложени на опасни по живот температури во просек 86 дена, се вели во извештајот објавен во списанието Lancet.
Бројот на лица над 65 години кои починале од горештините се зголемил во периодот од 2013 до 2022 година за 85 отсто во однос на последната деценија од минатиот век.
Ако планетата продолжи да се загрева вака, до 2050 година ќе умрат дури пет пати повеќе. Почестите суши ќе доведат до поголема глад на глобално ниво.
Во меѓувреме, други екстремни временски настани како што се бури, поплави и пожари ќе продолжат да го загрозуваат здравјето на луѓето ширум планетата.
Загадување на воздухот
Речиси 99 проценти од светската популација дише воздух што ги надминува упатствата на СЗО за загадениот воздух.
Image by rawpixel.com on Freepik
Загадувањето на воздухот предизвикано од емисиите на фосилни горива убива повеќе од четири милиони луѓе секоја година, според податоците на СЗО.
Го зголемува ризикот од респираторни заболувања, мозочен удар, срцеви заболувања, рак на белите дробови, дијабетес и други здравствени проблеми.
Штетата делумно е предизвикана од микрочестичките ПМ2,5, кои главно се од фосилни горива. Луѓето ги вдишуваат овие ситни честички кои можат да влезат во крвотокот од белите дробови.
Но, тоа не е сè лоша вест. Извештајот на Lancet покажа дека смртните случаи од загадувањето на воздухот поврзано со фосилни горива се намалени за 16 отсто од 2005 година. Ова е главно поради напорите да се намали влијанието на согорувањето на јаглен.
Заразни болести
Климатските промени значат дека комарците, птиците и цицачите ќе се движат надвор од нивните живеалишта. Со тоа се зголемува заканата од заразни болести.
Најмногу од сè, поради климатските промени, може да се шират болести кои ги пренесуваат комарците. Тоа се денга треска, чикунгуња, Зика, вирусот на Западен Нил и маларија.
Image by Freepik
Потенцијалот за пренос само на денга ќе се зголеми за 36 проценти со 2 степени Целзиусови затоплување.
Бурите и поплавите создаваат стоечка вода, која е погодна почва за комарци и го зголемува ризикот од болести кои се пренесуваат преку вода, како што се колера, тифус и дијареа.
Научниците, исто така, стравуваат дека цицачите кои залутале во нови области би можеле да пренесат болести едни на други, потенцијално создавајќи нови вируси кои потоа би можеле да се пренесат на луѓето.
Ментално здравје
Загриженоста за иднината на нашата планета која се загрева предизвикува се повеќе вознемиреност, депресија, па дури и посттрауматски стрес. Ова особено кај оние луѓе кои претходно се бореле со овие ментални нарушувања, предупредуваат психолозите.
Интересно е што во првите 10 месеци од оваа година, интернет корисниците најмногу го внесувале терминот „клима“ во пребарувачот.