ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.11.2024
Кампања за правата на децата на Народниот правобранител
Автор: Goce Author

Кампања за подигнување на свеста за промовирање на правата на децата и нивна заштита од насилство најави Народниот правобранител,  во пресрет на Светскиот ден на детето – 20 Ноември. Дел од кампањата е и видеото „Да го прекинеме кругот на врсничкото насилство!” во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото” финансиран од Европската Унија.

Фото: МИА

Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, изјави дека оваа година имаат триесетина претставки за врсничко насилство, дека состојбата секоја година се влошува и оти најзастапено е кај ученици во основните училишта, дури, рече, и кај деца од второ и трето одделение, а помалку го има во средните училишта.

Насилството врз децата се поприсутно во основните училишта

При посети на училиштата и во разговор со ученици, тимовите на НП констатирале дека врсничкото насилство често се користи како алатка за прикажување моќ или доминација на некои деца меѓу нивните соученици. Состојба во училиштата, рече таа, „во моментов алармира дека многу мора да се вложи во промена“.

Меѓуврсничко насилство постои, потребна навремена реакција

-Како жртви секогаш се јавуваат или послабите деца, децата кои се поповлечени, многу често децата со попреченост или децата кои потекнуваат од многу посиромашни или недоволно едуцирани семејства… Податоците покажуваат дека состојбата е иста, ако не и полоша за разлика од претходната година.  Претставките што ги добиваме покажуваат дека, за жал, врсничкото насилство сѐ уште е присутно и тоа особено во училиштата, а го има и надвор, во парковите. Наместо другарување, користиме насилство. Споредено со минатата година, податоците покажуваат дека во институцијата Народен правобранител бројот на претставки повторно се движи околу триесет, најчесто за физичко насилство, но нашите посети во училиштата покажуваат дека, за жал, ние сѐ уште не ги препознаваме останатите облици на насилство. Токму затоа, преку проектот на ЕУ, одлучивме со видео да почнеме кампања за подигање на свеста за промовирање на правата на децата и заштита на децата од врсничко насилство, изјави Бајрамовска-Мустафа.

Правата на децата се загарантирани со Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето

Фото: МИА

Нагласи дека ставот на НП, кој го истакнуваат секоја година, е дека „мора да се укаже на штетните последици од врсничкото насилство и децата од мали нозе мора да ги воспитаме и едуцираме дека конфликтите се решаваат преку дијалог, а не со употреба на сила“.

Посочи дека кампањата со која ќе ги посетат училиштата низ државава ги охрабрува сите засегнати страни да се приклучат на, како што рече, „оваа важна мисија за ставање крај на врсничкото насилство и создавање безбедни и поддржувачки заедници“. Клучна е, рече, едукацијата и соработката меѓу родителите, наставниците и директорите на училиштата.

-Оваа кампања е повик за акција за сите нас – наставници, родители, старатели, креатори на политики и самите деца и млади. Заедно можеме да создадеме средина каде што почитта, емпатијата и солидарноста ќе го заменат насилството и малтретирањето, истакна Бајрамовска-Мустафа, потсетувајќи дека правата на децата се загарантирани со Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето.

Герила акција „Моето детство е моја приказна“
За студентскиот стандард во 2025 повеќе средства во буџетот