
Универзитетот „Гоце Делчев“ во соработка со Стопанската комора и општината Штип организираше Отворен и кариерен ден. Целта е на идните студенти на УГД да им се презентираат можностите за студирање, а на актуелниоте преку контакт со компании кои се претставија да ги видат можностите за вработување.

Отворениот и кариерен ден на УГД се одржа на пешачката зона во Штип (поранешна Едносмерна улица). На него, покрај факултетите во состав на универзитетот, со свои штандови се претставија над 50 компании, со кои во најголемиот дел УГД веќе има воспоставено соработка.
-Втора година заедно со општина Штип и Стопанската комора го организираме овој ден, како ден каде што сегашните студенти можат да се поврзат со компаниите и работодавачите, а идните студенти да се запознаат со студиските програми и со м ожностите кои ги нуди УГД.
Студенти од УГД учествуваа на школа за претприемништво во Полска
За нас ова е од огромна важност, бидејќи на тој начин им овозможуваме на младите да ги реализираат соништата, да дознаат што нуди нашиот универзитет којнавистина многу вложува во подобрување на квалитетот на студиските програми, во подобрување на условите за студирање, и поред се во интернационализацијата, во можностите тие да бидат дел од европскиот универзитетски простор.
Верувам дека само поврзувањето со реалниот сектор, со институциите, и со компаниите е можност да тоа што го научат на универзитетотне остане на хартија, туку да се реализира, и тие да бидат навистина идни креатори на една успешна, здрава средина и да живеат во нашава држава – изјави ректорот на УГД, проф. Д-р Дејан Мираковски.

Татјана Штерјова Душковска, оперативен директор за развој, иновации и знаење во Стопанската комора на Македонија рече дека тргнуваат од премисата дека компаниите не се обични работодавачи, туку се повеќе треба да еволуираат како партнери во образовниот процес.
-Затоа е многу важно да ги зајакнуваме линковите за обезбедување на практична работа на студентите, на кадарот кој се креира во академската заедница, за да тој биде спремен да влезе директно, односно да се активира на пазарот на труд. Заради тоа, особено внимание посветуваме на поддржувањето на линковите помеѓу академијата и бизнисот, затоа што тоа е клучниот параметар да обезбедиме развој, иновации и дополнително додадена вредност во системот – рече Штерјова.
Отворениот и кариерен ден е потврда и за нивото на соработката на Универзитетот и општината, потврди градоначалникот Иван Јорданов.
-Развојот на Штип е во голема мера зависен од развојот на Универзитетот „Гоце Делчев“ , а во исто така голема мера и во зависност од комуникацијата помеѓу реалниот сектор, универзитетот, општината. Ова е еден одличен начин, одлична можност студентоте да осознаат за можностите за студирање, компаниите да се информираат дека имаат можност да дојдат до кадар кој ќе ги развива, а студентите да се информираат како да бидат покомпетентни и како да се прилагодат на пазарот на труд и на реалниот сектор по завршувањето на своето студирање. Тоа е суштината и тоа е патот за развој на еден град и вериувам дека во оваа насока ќе продолжиме, затоа што имаме една одлична соработка.

На отворениот и кариерен ден концерт одржа џез одделот на Музичката академија на УГД, а се обратија и студенти кои на средношколците им го пренесоа своето искуство и им го препорачаа УГД како избор за образование со кое ќе бидат компетентни за компаниите кои и денеска потврдија дека им е значајна потресната и непосредна соработка со високото образование.