ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
08.03.2022
Кога мажите молчат, жените се борат за своите идеали

Меѓународниот ден на жената – 8 Март е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

Осми март за Меѓународен ден на жената е прогласен од страна на Обединетите нации со цел да се одбележи улогата на обичната жена во историјата, како и нејзината борба за еднаквост, правда, мир и развој.

goce.mk  присуствуваше на мотивациона трибина која беше организирана од Здружение за родова еднаквост ,,Една може’’, каде беа присутни почитувани и успешни жени од општеството. Танја Кироска, раководител на Здружението за родова рамноправност Една Може – Штип ја започна трибината со моќна мисла од Клара Цеткин:

,,Кога мажите молчат, нашата должност е да го кренеме гласот, во одбрана на сопствените идеали’’

Клара Цеткин, во дебатата за ревизионизмот на почетокот на 20-от век, ги нападнала реформистичките тези на Едвард Бернштајн. Цеткин била многу заинтересирана во политиката кон жените, вклучувајќи ја борбата за еднакви можности и правото на глас за жената.Таа го развила социјалдемократското движење за жените во Германија. Од 1891 година  до 1917 година со Роза Луксембург го уредувале женскиот весник на СПД Die Gleichheit (Еднаквост).

Жените се во фокусот на активностите на многу граѓански организации

,,Ние сме граѓанска организација која се бори за родова рамноправност, благосостојба на жените, пристап до ресурси и можности без оглед на полот. Посебен фокус, во својата работа како здружение ние ги имаме ранливите категориина жени, односно самохраните мајки и еднородителски семејства.’’

,,Во принцип ние жените најмногу удари и сопки за жал добиваме од жени. Самите на себе сме си болка, наместо да се поддржуваме. Нека биде оваа трибина како поттик за сите нас да почнеме да размислуваме дека ние меѓу нас треба да си помагаме и да се поддржуваме, да се влечеме една со друга нанапред’’ истакна Танја.

Според новиот извештај на Обединетото нации се проценува дека над 29 милиони девојчиња и жени во светот се жртви на современи форми на ропство, принудна работа,присилни бракови и должничко ропство.

,,Насилството врз жените повредува милиони жени и нивните семејства и се влошува со пандемијата Ковид – 19, но за разлика од Ковид – 19, насилството врз жените неможе да се запре со вакцина, потребна е наша акција’’ – истакна Танја Кироска.

Веројатно сите добро сме запознати со имињата на  Њутн, Ајнштајн и Туринг, но кога станува збор за познати жени математичарки, ретко на некое име и ни текнува. Нивните достигнувања се многу помалку познати. Мерзихан, Кетрин Џонсон, Мери Луси Картпрајт, Софија Ковалевскавија, Рејчел Рајли и Малала Јусавзаи се познати математичарки и успешни жени, кои не се толку спомнувани, а имаат толку многу постигнати успеси за човештвото.

Секој Осми март се потсетуваме – за жените борбата трае, ништо не е завршено

Татјана Атанасова Пачемска е една од најзначајните жени математичарки во нашата република, пишувач на книги по математика во основно, средно и високото образование. Професор на Универзитетот ,,Гоце Делчев’’ во Штип, а нејзината работа има огромно влијание во обликувањето во нејзината област и отвори нови граници на истражување. Беше декан на електротехничкиот факултет, кој што се смета за машки факултет. Таа ни покажува дека дури и на поле на кое доминираат мажи, жените може да бидат пример и да го водат патот напред со своите откритија. Професорката со импресивна биографија и успеси, знаење и способност кои несебично ги дели со своите студенти, која несомнено може да биде наша инспирација за висок дострел за ценење и почитување.

Татјана Атанасова Пачемска се придружи на трибината преку интернет поради работни обврски во Лисабон, каде моментално работи на голем Европски проект како истражувач.

,,Јас можеби после децении напорна работа, почнав да уживам во придобивките од мојата професија. Секаде каде што можам во странство го промовирам мојот град Штип, и нашиот универзитет и верувам дека повеќето го знаат универзитетот повеќе од името на нашата држава.’’

Од секторот на рударство присутна беше Милена Дановска.

Таа вели ,,Штом постојат и се организираат вакви настани, тоа значи дека ништо не е завршено.’’

Таа како жена која работи ,,машка’’ професија поминала низ многу стереотипи на поделбата на понежен и посилен пол кои денес се апсурдни.

,,Само една десетина  во рударскиот сектор се жени, каде со напредок на информатиката и новата технологија се смета дека овој број ќе се зголеми и ќе има преуредување во системот. Наместо машка физичка сила, ќе биде потребна поголема вештина, знаење, дисциплина и образование.
Можам слободно да кажам дека ако некој ден топ менаџментот во рударството си дозволи да постави жена носител на производрствената дејност на самиот индустриски процес, логично следство е дека ако во тешката индустрија и рударството жена може да биде број еден, секаде може да биде.’’ –  вели Дановска.

И „машките“ професии веќе не се баук за жените

Исто така посочи: ,,Јас лично не се чувствувам помалку женствено ако мене некој ме оквалификува како силна, храбра, борбена и истрајна. Ниту пак мажите ќе ја изгубат својата мажественост ако бидат нежни,мили и емотивни.’’

Добрина Дамјановска, претседател на општинската организација на жени на Подем во Штип, со диплома инженер технолог. Успешна жена која изнесе факти кои самото општество ги создава и ги става жените во сенка.

,,Прочитав неодамна некаде наслов – Жените од Балканот уште од мали нозе не се одгледуваат и не раснат со амбиции. На женските деца од мали им купуваме кукли, детски кујни за кои што треба да се грижат, а на машките автомобили и лего коцки каде ги учиме да градат и создаваат. Ова малку ме замисли, па доколку размислиме ова е реалноста. Жените потешко донесуваат решенија, премногу анализираат, додека мажите реагираат импулсивно и работат на принцип на обид и грешка. Доколку жена греши сите го впреуваат прстот во неа, па дури и таа самата е свртена кон себеси, а маж кога греши тоа не е ништо, продолжува да твори и создава понатаму.’’

Славјанка Стојановска со работно искуство од 20 години, почнувајќи како студентка со првата пионерска невладина организација која се занимавала со енергетика и обновливи извори на енергија во странски мрежи. Со 12 годишно искуство во Владата на Република Северна Македонија, како одговорна за привлекување на странски инвестиции.

,,Цело време бев опкружена со мажи во текот на мојата кариера, цело време бев во некој машки свет, каде што во ниту еден момент не се почувствував по различна од нив, бидејќи цело време верувам во себе, и во своите способности и барав начин да им се докажам во тоа што го знам. Имало препреки и падови во животот каде што успешно сум се справувала. Моето мото е – Играј со тие карти кои ти се поделени на масата.’’

Ако сакаш нешто да биде кажано, повикај маж, ако сакаш да биде сработено, повикај жена

Маријана Рогожарска Поповска, дипломиран правник, координатор на советничката група на социјал демократскиот сојуз во Штип е уште една жена која е успешна во својата професија и има достигнато ниво на жена – функционер која ќе донесува одлуки за иднината на младите и животот на постарите.

,,Сум работела во приватен сектор во она што значи машка професија или така ја карактеризираат, бев правник и кореспондент за меѓународен транспорт и работата и соработката претежно ми беше со мажи. Доаѓаше момент каде ќе те омаловажат дека ти си жена и не разбираш доволно, меѓутоа ако уловно кажано ,,покажеш заби’’ и кажеш ајде сега да се препровериме, тогаш ќе успееш да го издејствуваш она што го сакаш.’’

Јованка Шалева, наставник по македонски јазик и литература, пред извесно време е и првата жена директор во СОУ Коле Нехтенин во Штип кое постои 76 години. Нејзиното мото е ,,Јас сум жена и можам се’’.

Дороти Пачкова: Ако ти се гади во стомакот кога сведочиш на неправда, тогаш си феминист/ка и можеш да бидеш дел од One Can!

,,Наидов на коментари од типот што ти требаше, држи си ги часовите, уживај, гледај си го семејството, меѓутоа јас немам проблем со тоа, и како што реков по женска линија јас ќе се обидам некои работи да ги направам подобри во нашето училиште, да го подигнам воспитно образовниот процес на едно повисоко ниво и се надевам дека ќе успеам затоа што сум жена. Сакам да ја цитирам Маргарет Тачер која што вели – Ако сакаш  нешто да биде кажано повикај маж, ако сакаш да биде сработено повикај жена.’’

Важно е жените да се поддржуваат и да имаме уште многу вакви други силни и успешни жени, кои ќе бидат мотив и поддршка и наша инспирација дека секоја наша професионална желба може да стане реалност. Да се надеваме дека со овие позитивни приказни  ќе бидат поттик за многу жени да добијат мотив и успех.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?