Уште пред да заврши средното образование учениците размислуваат за студии, универзитетот во кој сакаат да се запишат и насоката која ќе ја одберат. Многу често во изботор на универзитетот влијаат и трошоците кои ќе настанат со самото запишување на студии.
Трошоците за студирање зависат од факултет до факултет, а особено од универзитет до универзитет. Студирањето на приватните универзитети е далеку поскапо од она на државните. Го зедовме примерот на Универзитетот Гоце Делчев од Штип и проверивме колку чини да се студира таму.
На самиот почеток од студиската година, студентот ја запишува истата и за таа цел се потребни околу 6.800 денари.
Што се однесува до материјалот за учење материјали се наоѓаат во локалните книжари, а универзитетот има и своја електронска библиотека која може да се најде на сајтот и во електронски формат да се има достап до целата литература. Со самото ова, трошокот за купување на книги во оригинални изданија се намалува.
Кога зборуваме за полагањето на испити, постојат две можности, а тоа се редовните сесии во кои еден испит чини 70 денари или дополнителна односно казнена испитна сесија кога еден испит чини 370 денари.
Имајќи во предвид дека секој семестар во просек има 5 предмети трошокот за полагање испити би бил од 350 до 1.800 денари во зависност од тоа во која сесија ги полагате испитите.
Семестарот завршува со заверка за која потребно е да се издвојат околу 800 денари.
Кога сето ова ќе се пресмета по основ на семестар студентите плаќаат по околу 8.000 денари, односно 16.000 денари за цела студиска година.
Со ова, за четири годишно високо образование еден студент би издвоил околу 64.000 денари, односно 3 минимални плати.
И покрај поволноста на високото образование кај нас, многу мал дел од средношколците се запишуваат на факултет, а дел од оние кои се запишуваат не го завршуваат. Според државниот завод за статистика околу 11% од запишаните студенти завршуваат високо образование.
Воедно, Македонија има многу низок просек на високо образовано население за разлика од Европа. Според последниот попис Македонија има само 17.3% високообразовано население, додека овој процент во земјите од Европа достигнува преку 30%, а САД близу 50%.