
Дигитални алатки во образованието не се фикција, веќе се алатки што се олеснителен чекор во овој процес, и иднина на образованието.
Во денешната дигитална ера, образованието и принципите на настава се подложни на промени и модификација. Традиционалниот модел веќе не е во целост прифатен од младите па така се преминува и воведува повеќе индивидуализиран и динамичен пристап. Дигиталните алатки се олеснителен чекор во овој процес, доколку се користат рационално. Спојот на технологијата и интеракцијата меѓу наставникот и ученикот се балансот за квалитетно образование.
Проф. д-р Даниела Коцева
„Благодарение на технологијата, денес имаме алатки што овозможуваат адаптивно учење според индивидуалните потреби на учениците. На пример, AI системите можат да препознаат слабости кај ученикот и да му понудат насочени вежби за подобрување. Сепак, иднината на образованието нема да биде само во рацете на технологијата, туку она што ќе биде важно, е како да се задржи квалитетната интеракција меѓу наставникот и ученикот, процесот на социјализација, а при тоа акцент да се стави и на развојот на критичкото размислување“, вели проф. д-р Даниела Коцева, продекан на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Според проф. д-р Коцева, меѓу најкористените едукативни дигитални алатки во образованието се Google Classroom се користи за организирање материјали и следење на напредокот на учениците. Додека платформи како Kahoot, Mentimeter, Quizizz, Class Craft овозможуваат интерактивни квизови што ја зголемуваат ангажираноста. Платформите Zoom и Microsoft Teams овозможуваат хибридна и онлајн настава, што стана особено важно, а истовремено ја докажаа својата улога за време на пандемијата. Други алатки за визуелизација се Prezi, Canva, Padlet, Microsoft Whiteboard. Вештачка интелигенција во наставата: ChatGPT, Grammarly, Turnitin, Socratic. Овие алатки не само што го олеснуваат учењето туку и го прават подинамично и интерактивно. Учениците и студентите полесно пристапуваат кон истите и покреативно учествуваат во креирање и разрешување проблеми, прашања, дискусии.
Постојаната стимулација од екраните, го намалува прагот на концентрација кај младите. Па, затоа наставата се стреми да опфати поголем интерактивен карактер и вклучување на учениците и студентите.
„Некои од современите методи за одржување на вниманието кај учениците се: гејмификацијата – воведување на елементи од игри во наставата – им помага на учениците да останат ангажирани. Флип-класрум пристапот (Flipped Classroom) – превртена училница, каде што учениците учат дома преку видеа, а во училница решаваат задачи и дискутираат, го подобрува разбирањето на материјалот. Дополнително, користењето на алатки како VR и AR (виртуелна и зголемена реалност) може да ја направи наставата поконкретна и практична. За да се одржи вниманието на учениците и студентите, потребно е да се користат разновидни, иновативни методи кои вклучуваат интеракција, технологија и активна ангажираност. Класичните предавања веќе не се доволни – модерното образование бара комбинација на гејмификација, проектно учење, интерактивни технологии и персонализирани пристапи за да се постигне најдобар резултат.“, потенцира проф. д-р Коцева.
И традиционалните методи на настава, како и новите дигитални можности носат свои предности и негативности. Проф. д-р Коцева ги опишува предностите и на традиционалната настава како дисциплина, јасна структура, длабоко развивање и разбирање на темите, развој на критичко мислење и личен контакт со наставникот.
Photo by Daria Nepriakhina 🇺🇦 on Unsplash
Додека недостатоците може да се огледаат во монотоност, пасивност, недостаток на интерактивност и ограничен индивидуален пристап. Новите технологии го трансформираат образованието и овозможуваат учење кое е пофлексибилно, визуелно и интерактивно. Предностите се интерактивност, персонализирано учење, пристапност, мотивација, брза повратна информација. Слабостите можат да се огледаат во слабата социјална интеракција, намалена можност за развој на комуникациски вештини и не сите училишта и ученици имаат пристап до современа технологија и интернет.
„Балансот помеѓу традиционалната и дигиталната настава е клучен за квалитетно образование. Иако технологијата носи многу придобивки, традиционалното предавање, дискусиите лице-в-лице и критичкото размислување остануваат важни. Најдобриот пристап според мене е хибридниот модел – на пример, наставникот може да користи дигитални платформи за тестирање и интерактивни содржини, но истовремено да поттикнува дебата и аналитичко размислување кај учениците. Главниот предизвик е да се обучат наставниците за ефективно комбинирање на двата пристапи.Клучот е во создавање динамична училница каде што технологијата не е замена за наставниците, туку алатка што им помага да бидат поефикасни во нивната работа.“, вели проф. д-р Коцева.