ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.07.2026
Крај за „лајк, тагни пријател и добиј“ без правила? Македонија воведува нови услови за giveaway
Автор: Goce Author

Giveaway објавите на социјалните мрежи, во кои за учество е потребно да лајкнеш објава, да означиш пријател или да споделиш содржина, наскоро ќе подлежат на нови законски правила во Македонија.

Од 14 јули почнува да се применува новиот Закон за игри на среќа и за забавни игри, со кој за првпат се воведува законска рамка за организирање giveaway активности. Ова значи дека компаниите, но и сите што организираат ваков тип наградни игри за промоција на производи и услуги, ќе мора да исполнат низа услови.

Според Министерството за финансии, организаторите ќе мора:

  • да добијат дозвола од Министерството за финансии најмалку 30 дена пред почетокот на giveaway-от;
  • да платат надоместок во висина од 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд;
  • јавно да ги објават правилата пред почетокот на играта;
  • добитниците да ги објават најдоцна три дена по извлекувањето;
  • наградите да бидат доделени во рок кој не смее да биде подолг од 60 дена.

Во правилата задолжително ќе треба да бидат наведени организаторот, условите за учество, начинот на избор на добитниците, вредноста на наградите, постапката за приговор и други информации што треба да обезбедат поголема транспарентност.

И лајк и таг сега се законски дефинирани

Законот за првпат го дефинира giveaway како игра на среќа во која учесникот не плаќа пари, туку „влогот“ се состои од активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржина на социјалните мрежи.

Тоа значи дека класичните објави од типот „лајкни, означи двајца пријатели и учествувај за награда“ отсега ќе бидат регулирани со закон доколку се организираат за рекламирање производи или услуги.

Во последните години giveaway кампањите станаа еден од најчестите начини на кои македонските инфлуенсери и брендови привлекуваат нови следбеници и ја зголемуваат видливоста на своите профили.

Иако законот главно ги регулира организаторите на наградните игри, во пракса тоа ќе влијае и врз инфлуенсерите кои промовираат вакви кампањи. Доколку giveaway-от е дел од маркетинг активност на компанија, ќе треба да биде организиран согласно новите законски правила.

Како е во другите земји?

Македонија не е единствената држава што воведува правила за giveaway кампањите.

Во повеќето земји од Европската Унија наградните игри се регулирани преку национални закони за потрошувачи, рекламирање и игри на среќа, а организаторите најчесто се должни однапред да објават јасни правила, услови за учество и начинот на избор на добитниците.

Во Велика Британија, пак, постојат строги правила за маркетинг преку социјалните мрежи. Инфлуенсерите мора јасно да означат кога содржината е платена реклама, а giveaway кампањите не смеат да бидат лажни или да ги доведуваат учесниците во заблуда. Слични правила имаат и Франција, Германија и Италија, каде што во одредени случаи наградните игри мора да бидат пријавени или да исполнуваат дополнителни законски услови.

Со новиот закон, Министерството за финансии наведува дека целта е да се воспостават јасни правила, поголема транспарентност и поголема заштита за граѓаните кои учествуваат во ваков тип наградни игри.

Work and Travel во Германија или Америка – што да одберат студентите?
Нов Кодекс на новинарите на Македонија