
Work and Travel програмата е исклучително популарна кај голем дел од студентите кои ја користат за сезонска летна работа во Германија или Америка.

Иако, поголем дел од студентите кои аплицираат одбираат да работат во Германија, сепак во последните години се зголемува интересот и за работа во Америка. Многу агенции во Македонија служат како посредници и им помагаат на студентите при барање на ангажман. Но, каде е подобро да се стекне работно искуство?
Кристина Петрова е студентка во последната година од нејзините студии и досега ги искористила и двете можности кои ги нуди Work and Travel програмата за студенти во нашата држава. Преку Work and Travel, таа имала можност да работи во текот на три месеци во Констанц, Германија , а следната година и во Ocean city, Maryland, САД.
Иако станува збор за истата програма, сепак Кристина ги опишува искуствата како многу различни. Двете работни позиции вклучувале постојана комуникација со клиенти, но искуството докажало дека средината во Германија е постудена и позатворена кон странци, за разлика од САД каде луѓето биле поотворени и попријателски настроени.
Процесот на апликација се одвивал преку соодветна агенција која се грижи за обезбедување на наоѓање на работна позиција и сместување. Сепак, поради потребните документи и виза, Кристина ја опишува апликацијата за работа во Германија како побрза и полесна. Додека за САД, вели дека процесот се одвивал побавно, но посериозно и подобро структурирано.
И покрај предизвикувачкиот начин на апликација, еуфоријата и возбудата за посета на места кои досега ги гледала само во филмовите биле доволен мотив за истрајноста до крај.

Кристина Петрова
„Би го препорачала искуството во Америка на секој, особено на оние кои сакаат искуство што ќе им остане за цел живот. Америка не е само работа и заработка, туку и можност да запознаеш луѓе од цел свет, да живееш во меѓународна студентска средина, да патуваш и да видиш места што за многумина се недостижни.
Остваруваш контакти со луѓе кои ти остануваат за цел живот и кои за кратко време ти стануваат како фамилија. Секако, и Германија има свои предности, особено затоа што е поблиску до дома и можеби за некои студенти тоа носи поголема сигурност. Но, ако треба да изберам каде искуството ми било поубаво, потопло и поисполнето, би ја избрала Америка.“, вели Кристина.
Како најголем предизвик и културна разлика во Германија, Кристина го опишува ладниот однос на локалното население што придонесувало самата работа да биде повеќе психички напорна. Спротивно на ова, населението во Америка се покажало како потопло и пољубезно но, овде самата далечина претставувала потешка околност.

„Најголемиот мит е дека Work and Travel е само лесна заработка, патување и забава. Реалноста е дека тоа е искуство што бара многу зрелост, трпение, одговорност и снаоѓање. Секако дека има дружба, забави, патувања, нови пријателства и спомени што остануваат засекогаш, но има и тешки денови, замор, страв, несигурност и ситуации во кои мораш сам да најдеш решение.
Според мене, Work and Travel не треба да се гледа само како начин да се заработат пари, туку како можност да се излезе од комфорната зона, да се види како функционира животот во друга држава и да се научи многу за себе.
Како апсолвент кој е пред крај на студиите, можам да кажам дека овие две искуства ми помогнаа да станам подобар човек, повеќе да ја ценам својата држава и да ги видам и предностите што ни ги нуди Македонија, но и нејзините недостатоци. Верувам дека токму ние, младите со вакви меѓународни искуства, можеме да придонесеме нашата држава да стане подобро место за живеење и да изградиме подобра иднина, не само за нас, туку и за помладите генерации.“, вели Кристина.