ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.07.2022
Лажните вести најавуваа до 200.000 мигранти, во Македонија влегле 3.800, а побарале азил само 386
Автор: Goce Author

Мигрантите, оние 200.000, не се населија во Македонија – транзитираат во потрага по подобар живот и слобода. Само 386 побарале азил во последните три години.

Автори на текстот: Тони Михаилов и Игор Стојанов

Слушај го текстот и со заклучен телефон:

Мигрантите ќе ни ја земат работата… Мигрантите ќе се населат во Македонија… Државата ќе гради станови за мигрантите…

 

Власта сака да донесе еден милион Африканци во Македонија, тоа ќе се случи до 2030 година… Македонија ќе се вика Етиопија…

Некои од порталите и некои медиуми како „проверени“ информации објавуваа дека политичари од Македонија зеле десетици милиони евра за да овозможат „Западот“ да насели 150.000 мигранти во земјата.

Во Македонија дури и се заговараше одржување референдум против изградба на кампови за бегалци, кои всушност никогаш не ни биле предвидени за изградба.

 

Дел од овие дезинформации намалија на интензитет како со текот на времето актуелни стануваат други теми кон кои партиите (како најчести извори и креатори на таквите информации) го насочуваа своето внимание, но одвреме-навреме, како одржување каков-таков континуитет на темата, се пуштаа дозирани информации за тоа дека „се очекува нов бран бегалци“.

Во еден малку дамнешен период „војната“ беше изразена и преку памфлети и објави на социјални мрежи со фотомонтажи, на кои се гледа како во училишта во Штип, на пример, одат цели одделенија на деца – црнчиња. Дури се собираа потписи против намерата на власта да насели илјадници мигранти.

Интересно е дека профил на социјалните мрежи наречен „Стоп за мигрантските кампови во Македонија“ е активен со објави и во врска со актуелната ситуација – Македонско-бугарскиот спор, Францускиот предлог, палењето на Бугарскиот културен центар во Битола…

Застрашувачките бројки пласирани од центрите од дома, од Македонија, како и од оние од регионот и светот, нормално предизвикуваат загриженост кај граѓаните. За целите и мотивите, анализираат експерти. Ние ќе се задржиме на вистинитоста на информациите.

Официјалните податоци говорат дека во последните три години, период во кој се најавуваа тие 150-200.000 мигранти што ќе се населат во Македонија, вкупно влегле 3.836 мигранти.

Тоа е бројката што ја регистрирало Министерството за труд и социјална политика, за евидентирани лица во рамките на Прифатно-транзитниот центар Гевгелија, кој се таргетира како влезна точка на мигрантите во државата.

Минорни се и бројките на мигранти што побарале азил и со тоа изразиле желба да останат во Македонија.

Во трите години (2020, 2021 и 2022) вкупно 386.

„Вкупниот број сместени лица баратели на право на азил во Прифатен центар за лица баратели на право на азил за 2020 година е 215 лица. Бројот на сместени лица во 2021 година е 117 лица, додека лица баратели на право на азил што се сместени во текот на оваа година заклучно со јуни изнесува 54 лица.

Кога станува збор за времетраењето на престојот на барателите на право на азил затекнати и сместени од почетокот на оваа година, можеме да констатираме дека просечното времетраење на нивниот престој е 3,5 месеци. Максималниот престој е 31 месец и сѐ уште трае, минималниот е едно деноноќие“ – велат од МТСП.

Во врска со шпекулациите за градење станови и живеалишта за бегалците и мигрантите, од МТСП велат дека никогаш не се размислувало во насока на давање какви било поволности на мигрантите.

„Во РСМ во моментов престојуваат 79 лица со статус под супсидијарна заштита и 12 лица со статус на бегалец, при што од вкупниот број на 91 лице под меѓународна заштита, 83 се од Република Косово како последица на настаните од 1999 година, а останатите 8 лица се од други држави.

Имајќи го предвид релативно малиот број лица, како и фактот дека РСМ е карактеризирана како транзитна земја на бегалската рута, никогаш во рамките на државата не било размислувано во насока на давање какви било поволности на мигрантите.

Воедно, според меѓународните конвенции за заштита на правата на бегалците, на лицата што ќе се стекнат со соодветен легален статус во РСМ им се гарантираат пристап до социјални права, здравствена заштита и вработување на начин пропишан со постојните законски решенија (под исти услови како и македонските граѓани).“

Од МТСП велат и дека во моментов, според сознанијата на релевантните институции што ги следат миграционите движења низ светот, не постојат видливи показатели за масовни миграциски движења кон територијата на РСМ.

Преку 95% од мигрантите кои влегуваат во Македонија, веднаш и заминуваат од неа

Првите контакти по влегувањето во Македонија, мигрантите ги имаат со мобилните тимови на Црвениот крст Скопје. Овие тимови се задолжени за хуманитарна асистенција на бегалци и мигранти, и со самото пресретнување на лицата, даваат максимум во навремено и соодветно хуманитарно згрижување. Ова, со оглед на тешката состојба на лицата поради изнемоштеност, слабост и високата стапка на нивно манипулирање од разни сторители на кривични дела криумчарење на мигранти и индиции за недозволена трговија со луѓе.

Фото: ФБ Сандра Томовска

Сандра Томовска, која е дел од овие мобилни тимови, вели дека активно се работи на нивно институционално згрижување:

„Што се однесува до нивното институционално згрижување во двата транзитни центри, т.е. во ТЦ Табановце на северната и ПТЦ Винојуг на јужната граница, мобилните тимови на Црвениот крст на град Скопје како дел од севкупниот системски одговор за згрижување бегалци и мигранти, исто така, од 2015 година со самото етаблирање на транзитните центри, напорно работат во делот на хуманитарната асистенција на лицата во движење, со акцент на укажување прва помош, дистрибуција на храна, топли оброци, вода, ќебиња како и дистрибуција на непрехранбени производи, но и даваат максимум во помошта, лицата во движење да стапат во контакт со своите роднини и блиски луѓе, со оглед дека лицата многу често завршуваат во РСМ, а да не знаат ниту каде се наоѓаат, целосно одделени од своите сопатници.“

Во контактите, овие лица говорат и за искушенијата низ кои поминале, но и за соништата за подобар живот и слободи – најчесто неповрзани со Македонија:

„Откако Црвениот крст ќе ги згрижи, лицата во движење во голем број случаји ги раскажуваат своите патешествија низ кои поминале, најчесто задржувајќи се на соништата за подобар живот и слободи, но и желбата да ги видат државите од кои доаѓаат како место каде што еден ден ќе може да се вратат и повторно да живеат достоинствено и без страв од војна или прогон. Дали би сакале да останат овде или да заминат, останува да биде нивна одлука, но лицата во движење сепак во 99 проценти, по нивното згрижување, заминуваат во непознат правец и нивните крајни дестинции остануват непознати за Црвениот крст“ – вели Сандра Томовска.

Фото: ФБ Сандра Томовска

Според она што го кажуваат, за Македонија, не знаат многу. Речиси и да не знаат каде се наоѓаат, но откако ќе бидат потпомогнати од Црвениот крст, првенствено на северната граница, лицата заминуваат. Според волонтерите на Црвениот крст, заминуваат со благодарност што некој во Македонија се грижи за нив, што кога е најпотребно им се пружила помош.

Од најавуваните „застрашувачки“ 150.000, 200.000 мигранти, кои ќе ни ја земат работата, ќе се населат во Македонија, ни трага ни глас. Најчесто само луѓе што од мака транзитираат низ Македонија и одат понатаму во потрага по подобар живот и слобода.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
(Видео) Гоце.мк ве носи зад сцената на Макфест 2026