
Македонија се најде на 87 место од 137 држави на новиот извештај „Среќата во светот 2023“ кој го објавуваат Обединетите Нации што земјава ја стави на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните држави во Европа.
Споредено со регионот С. Македонија се најде на дното на листата. Од окружувањето најдобро е рангирана Словенија (22 место), Косово (34), Србија (45), Хрватска (48), Грција (58), Црна Гора (67), Босна и Херцеговина (71), Бугарија (77) и Албанија (83).
Од државите во Европа полош резултат имаат само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106). Оваа година С. Македонија се наоѓа во друштво на држави како Република Конго, Венецуела и Лаос.

Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто. Секоја година луѓето низ светот за оваа анкета одговараат на прашањето – каде тие лично сметаат дека се наоѓаат според моменталната ситуација во животот – на скала од 0 до 10. Извештајот оваа година ги рангираше државите според тригодишен просек, а С. Македонија за периодот 2020-2022 година има просечен резултат од 5,254.
Како и лани и оваа година најсреќна држава во светот е Финска, која има просечен резултат од 7,804. Во првите пет држави се наоѓаат уште и Данска, Исланд, Израел и Холандија.
Најнесреќна држава оваа година е Авганистан со просечен резултат од 1,859, додека на последните пет позиции се уште и Либан, Сиера Леоне, Зимбабве и Демократска Република Конго.
Ова е 11-та година откако се објавува извештајот „Среќата во светот“ на 20 март – Меѓународен ден на среќата според Обединетите нации.