
Македонија забележа скок од 33 места на најновиот извештај на Репортери без граници, и се најде 57 место од 180 рангирани држави. Репортери без граници извештајот го објавува по повод 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.

Во извештајот на Репортери без граници и според нивниот светски индекс за слобода на медиумите за 2022 година, Србија е рангирана најлошо од сите земји на поранешна Југославија, иако се искачи за 14 места на скалата во споредба со извештајот од 2021 година. Годинава ја зазеде 79-та позиција и е во категоријата „проблематични“ земји.
Хрватска се најде на 48. место и во категоријата „задоволува“, додека Словенија на 54. место и меѓу „проблематичните“ земји, како и Северна Македонија на 57. место, Црна Гора на 63. и Босна и Херцеговина на 67. место. Во регионот на Западен Балкан само Албанија (103 место) е полошо рангирана од Србија.
Од „Репортери без граници“ нагласуваат дека годинава е користена нова методологија со која слободата на медиумите се дефинира како „ефикасна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и шират вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања, како и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“.
За да се одрази сложеноста на слободата на медиумите, во новата методологија се користат пет нови индикатори: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст и безбедност.
Извештајот за 2022 година, што ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии, укажува на катастрофалните ефекти од информацискиот хаос што произлегува од глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор, кој поттикнува ширење на лажни вести и пропаганда.
Норвешка останува на врвот на светскиот индекс за слобода на печатот во Европа. Најслабо рангирани се Северна Кореја (180), Еритреја и Иран. До нив се Мјанмар (176) и Кина (175 место).

За состојбите во Македонија, можат да се издвојат неколку констатации во Извештајот.
Се наведува дека и покрај тоа што телевизијата е и понатаму доминантен извор за информирање, сепак и онлајн медиумите заземаат значајно место. Проблемот кој добро се знае кај нас, напливот од непрофесионални портали, е нотиран и овде.
„Мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн медиуми кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинални содржини и објавуваат плагијати“ – стои во извештајот. Интересно е и дека Репортери без граници го потенцира јазот помеѓу употребата на медиумите и довербата во нив, односно дека најгледаните телевизии имаат низок индекс на доверба.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложни на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“ – се вели во извештајот, во делот за влијанието на политиката во медиумите во Македонија. Оценката е дека целокупната средина останува поволна за медиумите и се дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е проблематично слаба.
За економскиот контекст на медиумската слобода се нагласува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ куќи се изложени на економски притисоци од сопствениците. За државното финансирање пишува дека е ограничено и нетранспарентно, а независните медиумите во голема мера се потпираат на донатори.
(Видео) Гоце.мк организираше тренинг за млади новинари со Дојче Веле Академија
Говорот на омраза и заканите преку социјалните медиуми, ширењето на дезинформации, остануваат проблем кој е нотиран и во овој најнов извештај:
„Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободата на новинарството, социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинормации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинарите врз основа на полова, етничка или верска припадност“.