
Со почеток во 20:00 часот, Македонската филхармонија ќе го одбележи своето 77 годишно постоење со главниот настап на солистката – виолинистка Русинката Марија Солозобова, а диригент ќе биде Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се концертот за виолина и оркестар број 1 од П.И. Чajковски и Брамсовата Прва симфонија. Овој концерт на Филхармонијата е во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“.

Прославата ќе се одбележи и со изложбата на фотографката Маја Аргакијева. Насловена „Портретна симфонија“ , изложбата ќе заземе место во фоајето на Филхармонијата. Се очекува изложување на околу триесетина фотографии, сликани на концертите на Филхармонијата на кои се претставени музичарите од оркестарот, како и многубројните солисти и диригенти што настапиле на нашата сцена.
Филхармонијата е основана е на 24 ноември 1944 г. со одлука на управата, а од страна на група музичари, на чело со диригентот Тодор Скаловски. На почетокот, оркестарот се состоел од триесетина музичари, предводени од Скаловски и Трајко Прокопиев. Во текот на своето постоење, Филхармонијата работела во состав на други организации и установи, под имињата: „Скопска филхармонија“, „Државен симфониски оркестар“, „Симфониски оркестар на Радио Скопје“ и „Оркестар на Операта на МНТ“, а во 1960 г. станала самостојна установа, под името „Македонска филхармонија“.