ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.12.2023
Македонски лекар, специјализант во Германија: Би сакал да се вратам во Македонија и да придонесам за развој

Александар Деспотовски е дипломиран доктор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, уште од 2015 година. Кариерата ја започнува како матичен лекар во Македонија, а подоцна заминува да работи како доктор во Германија каде првенствено работи на клиника во Финстервалде (Abteilung für Chirurgie, Assistenzarzt, Krankenhaus in Finsterwalde).

Најдобриот студент на Факултетот за медицински науки на УГД планира да остане и да работи во Македонија

Неодамна д-р Александар добива и специјализација за неврологија во клиниката Carl-Thiem-Klinikum Cottbus. Потенцира дека му недостигаат студентските денови бидејќи токму тогаш се оформуваат пријателства кои траат цел живот, но и дека би сакал да се врати назад во Македонија и да допринесе во градење на подобар здравствен систем.

Целото интервју прочитајте го во продолжение:

Од каде љубовта кон медицината?

-Љубовта кон Медицината ми ја пренесе мојот татко, кој исто така беше спец. по Неврологија, и кога од мал си опкружен со преубава стручна литература, нема шанси да не ја засакаш медицината.

Зошто го одбравте УГД?

-УГД го одбрав бидејќи нудеше, а и се’ уште нуди добри и квалитетни можности и услови за студирање.

 

Омилен предмет од студиите?

– Во медицината не постои ништо непотребно или не корисно, но омилен предмет ми беше неврологија.

Одлуката дали да останат во Македонија е најголем предизвик за младите лекари

Дали Ви фалат студентските денови?

– Да, дефинитивно ми фалат студентските денови, бидејќи тоа е период од животот во кој покрај факултетските обврски, има и дружење, а и се оформуваат пријателства кои траат цел живот.

Како успеавте да ја добиете специјализацијата во Германија?

– Првенствено работев во друга клиника, но оваа каде што сум сега е многу поголема и има повеќе можности, медицински и образовни. Воедно, планот е во блиска иднина да се изгради и кампус за студенти, а и да се отвори можност за научни истражувања. Специјализацијата ја добив на тој начин, што испратив апликација во соодветната клиника, па потоа имав интервју со шефот на клиниката по што следеше запознавање со клиниката и нејзините можности. На крај следеше одлука од двете страни за соработка. За да се добие работа во Германија најчесто е потребно испит за јазикот до Б2 Ниво, по што следи исто така нов испит за јазик во Германија, а потоа и испит за признавање на дипломата, по што и почнува специјализацијата. Со положен испит за јазик во Германија може да се работи максимум до 2.5 години, но, овој период не се важи како период на специјализација.

Дали би се вратиле во Македонија?

-Секако дека постои таква можност, би сакал да се вратам назад и да допринесам во градење на подобар здравствен систем.

Што би им порачале на студентите по Медицина?

– На студентите би им препорачал да веруваат во своите соништа, да бидат истрајни во нив и да се обидуваат да држат рамнотежа меѓу факултетските обврски и приватниот живот.

Бешлиовска: По 40 медицински сестри месечно заминуваат од јавното здравство
Што ветија победниците на овие избори за младите и студентите?