
Честит Ден на македонскиот јазик.
Не знам дали јазикот има потреба од ден, или ние имаме потреба од причина да застанеме и да се сетиме дека зборуваме, па еднаш годишно се однесуваме како да откриваме нешто што ни било пред нос цело време, иако реално никогаш не ни било пред носот туку постојано е тука, некаде помеѓу мислата и зборот, таму каде што не стигнуваме да се контролираме.

Ако веќе се фокусираме на тоа дека денес е Ден на македонскиот јазик, тогаш добро е да се спомне дека во 1945 година станува официјален, кодифициран, уреден, односно добива форма што може да се учи и пренесува, ама реално, јазикот не почнува тогаш, туку тогаш само станува доволно „важен“ за да биде запишан.
И баш во тој момент кога нешто што дотогаш се случувало природно и без многу размислување почнува да се уредува и да се стандардизира, некако неизбежно се појавува и потребата да се внимава, да се проверува, да се коригира, па постепено од нешто што ни било сосема свое и спонтано, почнуваме да го доживуваме како нешто што треба да го „погодиме“ правилно, како да постои точна верзија од нас што треба да излезе преку зборовите.
И тука некаде, тивко и незабележливо, почнува да се менува односот што го имаме со јазикот, затоа што наместо да го користиме за да кажеме што мислиме, почнуваме да мислиме како да го кажеме, а тоа не е баш исто, и колку повеќе се трудиме да звучиме поточно, толку повеќе се оддалечуваме од она што ни дошло прво, од она што не било проверено, ама било вистинито.
Озаконет или не, јазикот не станува појасен, ниту поточен од тоа што е ставен во рамка, туку само полесен за препознавање.
Сè што не влегува во тие рамки не исчезнува, туку продолжува да постои паралелно, без дозвола и без проверка, во начинот на кој реално зборуваме.
И тука се гледа разликата меѓу тоа што е запишано и тоа што навистина се случува, затоа што јазикот не се состои само од правилата, туку од моментот кога не размислуваме за нив.
Денот што му го “даваме” не менува ништо во тоа, само нè тера накратко да го погледнеме како нешто одвоено од нас, иако никогаш не бил.
А вистината е многу поедноставна од тоа: јазикот не чека да биде потврден, зашто денот завршува, а тој-никогаш.