ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.05.2026
Младите, интернетот и јазикот – каде оди писменоста?

Во време на брза дигитална комуникација и чести дилеми околу писменоста, разговараме со лекторката Марија Лозаноска – професор по македонски јазик, автор и долгогодишен наставник. Со богато искуство како лектор и активна промоторка на јазикот, таа го споделува својот поглед за младите, интернетот и значењето на правилната употреба на македонскиот јазик.

Марија Лозаноска

1.Како би ја опишале состојбата со писменоста кај младите денес, во споредба со порано?

– Можеби нема да биде одговорот каков што се очекува, но можам да кажам дека има писмени млади. Со тоа што ги гледаме со телефоните в раце, мислиме дека пишуваат само со емотикони, не формираат реченица и заборавиле на кирилица, но не е така. Оние коишто го имаат чувството на писменост, секако ќе се описменат и ќе останат такви и како возрасни, без разлика во кое време живеат.

2.Дали сметате дека социјалните мрежи повеќе му помагаат или му штетат на развојот на јазикот?

-“Отсекогаш имало книги на полиците, и пред да се појави „новото време“, па пак не биле сите доволно јазично потковани, така и денес со социјалните мрежи – ниту помагаат, ниту одмагаат. Можеби само се зголемени странцизмите, што е нормално во оваа глобализација.”

3.Дали „чат јазикот“ (скратеници, емотикони, англицизми) влијае на реалната писменост на младите?

-“Не влијае, затоа што емотиконите се само тренд во резговорната комуникација, оние што го разбираат јазикот во целост ниеден тренд нема да им го избрише речникот.”

Дигиталните уреди носат опасност за децата

4.Каде е границата помеѓу модерна, брза комуникација и негрижа за литературниот јазик?

-“Модерната комуникација е всушност жаргонот којшто постоел отсекогаш. Негова работа е да помине низ, најчесто младите, и да си замине. Поврзан е со уличното изразување, во последните години поврзан е со интернетот, има интерни шеги, додека брзата комуникација се сретнува во сите возрасти, најчесто е тоа кога пишуваме пораки низ разните апликации. Негрижата се појавува кога на несоодветни лица им се даваат задача да пишуваат јавно, или сами си дозволуваат да ја сработат таа задача, а притоа не се јазичари и немаат доволно познавање од јазикот. На пример, кога самиот маркетер го пушта слоганот без да се консултира со лектор.”

5.Дали младите денес имаат тешкотии да се изразат јасно и аргументирано во пишана форма?

-“Пак ќе кажам – изразувањето зависи од самата личност. Оние што се талентирани за говор и пишување, ќе се истакнат без разлика во кое време живеат. И ќе најдат начин да си го дозбогатат речникот.”

 

6.Колку образовниот систем успева да развие вистинска писменост, а не само граматичко знаење?

-“Тоа зависи од наставниот кадар што ќе му се падне на ученикот. Доколкунаставникот е вистински педагог, тогаш тоа ќе оди лесно, без посебни подготовки и со правилна намера.”

7.Дали социјалните мрежи можат да се искористат како алатка за подобрување на јазикот, наместо негово „уништување“?

-“Секако, и кон тоа треба да целиме. Сите овие години јас за тоа ги користам социјалните мрежи, за да го пренесам своето знаење, да укажам на грешките и, најбитно од сè – да всадам љубов кон македонскиот јазик. Мило ми е што многу поединци ги користат своите профили на социјалните мрежи за да го пренесат она што го знаат и умеат. Наша одговорност е на која страна од интернетот ќе се насочиме – дали ќе им дадеме внимание на корисните работи или на оние без вредност.”

“Те сакам” на мајчин јазик

8.Дали инфлуенсерите и јавните личности имаат одговорност за начинот на кој го користат јазикот?

-“Апсолутно! Секогаш велам дека една јавна личност треба да внимава на сè доколку сака да има успех и да изгледа професионално. Посебно оние јавни личности кои се појавуваат на социјалните мрежи затоа што таму најмногу се зборува и пишува. Ако не зборуваш литературно, а сакаш да пренесеш нешто мудро, тоа е исто како да пловиш во напукнат чамец – сè пропаѓа во вода.”

9.Дали мислите дека станува збор за пад на писменоста или само за природна еволуција на начинот на комуникација?

-“Не гледам пад на писменост, напротив. Со мојата работа се сретнувам постојано со секаков вид народ, дали помлади и повозрасни, коишто многу внимаваат како пишуваат и, на моја голема радост, кај младите има многу начитани со желба да пишуваат што поправилно. Сето ова е за поздравување и би сакала во иднина повеќе да им се посветам ним отколку на оние коишто мудруваат на латиница не почитувајќи никакво правило и не почитувајќи што апелираат јазичарите.”

10.Што би промениле во односот на младите кон македонскиот јазик за тој да се негува подобро во иднина?

-“Кај младите ништо, одлични се. Државата е таа што треба да изигра поинаку.”

 

 

Македонскиот јазик: да се „озакони“ за да знаеме дека постои?
(Не)среќа што Гоце Делчев не живее во ова време