ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.03.2026
Март – месец за превенција на колоректален кацином

Месец март е посветен за превенција, едукација и зголемување на свесноста за колоректалниот карцином. Моментално, тој е еден од најчестите малигни тумори во светот, а бројот на дијагностицирани случаи постојано е во пораст.

Според проф. д-р Марија Караколевска Илова, специјалист онколог во Клиничка болница Штип, колоректалниот карцином по инциденца е на трето место во светот, додека по морталитет е на второ. Статистичките податоци се алармантни и докторите повикуваат на преземање мерки за превенција и редовен скрининг.

Д-р Марија Караколевска – Илова

„Кај популацијата 30–40 години, колоректалниот карцином има поинаков епидемиолошки профил од вкупната популација. Имено, таа е релативно  ниска во споредба со постари (>50 години), односно приближно 5–15 случаи на 100.000 жители годишно. Тоа е значително помалку од повозрасните, каде е >100/100.000). Но, важно е да се потенцира е дека иако постои ниска апсолутна бројка истата е со тренд на раст. Во Клиничка болница Штип има помлади пациенти со колоректален карцином од Источниот регион. Најмладиот пациент е 34 години.“, вели проф. д-р Караколевска Илова.

Карциномите имаат мултифакториелна природа. За нивниот развој улога имаат генетските предиспозиции, но и надворешните фактори, животниот стил и стекнатите навики.

Колоректалниот карцином е еден од најчестите малигни тумори во светот

Проф. д-р Караколевска Илова истакнува неколку можни причини кои може да бидат ризик фактори за појава на колоректален карцином. Овде таа ги вбројува генетските фактори и заболувањата како Lynch syndrome, фамилијарна аденоматозна полипоза на колон и секако фамилијарна предиспозиција и позитивна анамнеза. Покрај генетските фактори, удел има и исхрана, физичката неактивност, обезноста , но и хроничните воспалителни промени на дебелото црево како улцеративен колит  и кронова болест.

Нешто што е често кај младите денес е брзиот начин и живот и посегнувањето по лесно достапни опции. Предоминацијата на брзата храна, седентарниот начин на живот влијаат кон зголемување на ризикот.

(Колумна) Детскиот карцином – најтешката борба што можете да ја замислите!

„За одржување на нормалната цревна функција е потребен континуиран баланс помеѓу внесот на храна ( растителни влакна) и секако вода од една страна и соодветна физичка активност (одржување на цревната перисталтика ) од друга страна. Храна богата со растителни влакна и присуство на вода овоможува подобра дигестија, подобра абсорбција, полесна пасажа кое доведува до одржување на постојаниот микробиом и спречување на континуирана иритација на цревниот епител.Физичката неактивност индуцира метаболни и ендокрини промени кои ја поттикнуваат канцерогенезата.“, вели проф. д-р Караколевска Илова.

Предоминацијата на брзата храна, седентарниот начин на живот влијаат кон зголемување на ризикот

Младите имаат тенденција за игнорирање на симптомите и погрешно чувство на заштита мислејќи дека се премногу млади за оваа возраст. Но, бројките и податоците го покажуваат спротивното. Возрасната граница постојано се намалува и акцент се става кон рана дијагноза и навремен третман.

ХПВ во 99.8 % причинител на рак на грло на матка

Проф. д-р Караколевска Илова ги истакнува симптомите за колоректален карцином кои не треба да се игнорираат. Истите вклучуваат: постојано чувство на абдоминален дискомфорт, промени во навики на дефекација, хронична микроцитна анемија, ненамерно губење на телесна тежина, како и позитивна фамилијарна анамнеза. Таа потенцира и дека секој карцином откриен во рана фаза може да биде излечива болест.

„За жал колоректалниот карцином кај помладата популација се појавува во биолошки поагресивна форма и се дијагностицира во поразвиен стадиум. Најверојатно тоа се должи на фактот што скрининг програмата започнува од 50 годишна возраст од една страна, а од друга првичните симптоми како една општа малаксаност, абдоминален дикомфорт, па дури и еднократно ректално крварење првично се препишуваат на одредени бенигни состојби без дополнителни поинвазивни иследувања.“, вели проф. д-р Караколевска Илова.

ЕУ воведува апликација за проверка на возраст: крај за „лажирањето години“ онлајн?
Патување во ЕУ во 2026? Подготви се за нови правила и подолги редици