
Подготовката за државниот испит за лиценца за младите доктори често значи голема количина материјали, прашања од различни извори и дилема околу тоа што е точно, што е актуелно и што навистина треба да се научи. Токму од ваквото лично искуство настана Medixa – дигитална едукативна платформа наменета првенствено за студентите и младите доктори по општа и дентална медицина.

Зад платформата стојат Ана Ренџова, доктор по општа медицина, и Анџело Димов, доктор по дентална медицина, кои периодот на студирање, дипломирање и подготовка за државниот испит го поминале од прва рака.
„Идејата се роди од нашето лично искуство. Ние сме го поминале целиот процес и многу добро знаеме како изгледа тој период од перспектива на еден студент. Имаш огромна количина материјал, прашања од повеќе извори и многу често не знаеш што е навистина важно, каде да го провериш одговорот или зошто одреден одговор е точен“, велат од Medixa.
Токму ова искуство ги поттикнало да создадат едно место каде подготовката ќе биде поорганизирана, појасна и насочена кон разбирање, а не само кон меморирање.
Еден од проблемите со кои се соочуваат студентите е расцепканоста на материјалите. Книги, скрипти, презентации, стари прашања и различни збирки често се користат паралелно, а студентот сам треба да проверува дали информациите се точни и актуелни.

Ана Ренџова
Medixa се обидува да го намали токму овој хаос, обединувајќи ја подготовката во структуриран дигитален простор.
Но, идејата не е само да се понуди база на прашања.
„Кај класична збирка најчесто имате прашање и точен одговор. Нашата цел е студентот да добие и контекст – зошто тој одговор е точен, зошто останатите не се, кои информации се најважни и што треба да препознае доколку повторно се сретне со слично прашање“, објаснуваат креаторите.
На тој начин, прашањето станува повеќе од средство за проверка – станува алатка за учење.
Една од основните идеи зад Medixa е студентите да не ги паметат одговорите механички, туку да ја разберат логиката зад нив.

Анџело Димов
По одговарањето на прашањата, платформата нуди објаснувања со фокус на клучните информации, препознавањето на одредени состојби, разликите меѓу слични дијагнози и причините поради кои останатите понудени одговори не се соодветни.
Каде што е потребно, содржината е дополнета и со визуелни материјали.
„Во медицината многу работи значително полесно се разбираат кога можеш и да ги видиш. Нашата цел е студентот следниот пат да може да дојде до одговорот преку знаење и логика, а не затоа што се сеќава дека одговорот на одредено прашање бил опција Б“, велат од Medixa.
Од Штип до 60.000 следбеници: Студентка создаде заедница што ги мотивира студентите ширум светот
Прашања, објаснувања и симулација на испит
Платформата нуди база на прашања организирани според области или предмети, детални објаснувања, визуелни материјали и можност за следење на сопствениот напредок.
Особено значаен дел е симулацијата на државниот испит, која е креирана да биде што е можно поблиска до вистинскиот формат – со соодветен број прашања и временско ограничување.
Симулацијата може да се повторува неограничен број пати, при што прашањата се избираат по случаен избор. На тој начин студентот не ја проверува само теоретската подготвеност, туку и способноста да функционира под временски притисок.

Креаторите нагласуваат дека платформата не е замена за факултетската литература.
„Не би рекла дека Medixa треба да ги замени книгите или факултетската литература. Напротив, тие остануваат основата на медицинското образование. Разликата е во начинот на кој Medixa му помага на студентот да го систематизира и провери тоа знаење“, велат тие.
Иако платформата првично е создадена со фокус на подготовката за државниот испит, визијата е таа постепено да стане дополнителна алатка која студентите ќе ја користат и во текот на студирањето.
Плановите вклучуваат тематски модули, клинички случаи и кратки практични курсеви од области кои често претставуваат предизвик за студентите.
Платформа која треба постојано да се развива
Medixa ја гледаат како проект кој не завршува со првичната база на прашања. Напротив, во план е нејзино континуирано ажурирање и проширување.
Blesni – нова македонска платформа го олеснува учењето математика
„Една од нашите основни цели е континуирано да ги следиме промените и трендовите поврзани со државниот испит и редовно да ја дополнуваме базата, за студентите на едно место да ги имаат сите актуелно достапни прашања и релевантни содржини“, посочуваат од Medixa.
Во иднина, платформата би можела да се прошири и кон други здравствени професии и области, но со јасен услов – содржината да биде креирана во соработка со стручни лица од соодветната област.
„Отворени сме за партнерства и соработки со луѓе кои имаат знаење и искуство и ја споделуваат истата цел – да создадеме содржина која има реална едукативна вредност.“
За креаторите, повратната информација од студентите е еден од најважните елементи во понатамошниот развој.

Тие ги повикуваат студентите да ја користат платформата, да го тестираат своето знаење и преку неа да добијат појасна слика за тоа што веќе го совладале, а на кои области им е потребно дополнително внимание.
„Medixa ја создадовме токму за да внесе повеќе структура во тој процес. Најважно ни е да им биде навистина корисна. Секоја повратна информација од студентите ја гледаме како можност Medixa да стане уште подобра и уште поблиска до нивните реални потреби“, велат Ана Ренџова и Анџело Димов.
Medixa е достапна онлајн
Платформата е достапна на medixa.mk, каде студентите можат да дознаат повеќе за начинот на функционирање и можностите што ги нуди.
Дополнителни информации, едукативни содржини и новости поврзани со платформата се достапни и преку нивните социјални мрежи.
Од Medixa велат дека остануваат отворени и за директна комуникација со студентите – за прашања, предлози, идеи и искуства кои можат да помогнат платформата понатаму да се развива.
Од лично студентско искуство, преку препознаен проблем, до дигитална алатка со амбиција да ја олесни подготовката на идните здравствени професионалци – Medixa го започнува својот развој со јасна идеја: знаењето да биде поорганизирано, поразбирливо и подостапно.