
Истражување покажува дека раните кариери кај генерацијата Зет се финансиски поисплатливи од оние на миленијалците, пренесува Гардијан.
Вообичаено, родените меѓу 1997 и 2012 година доживуваат „мини отскокнување“ на платите, според истражување на Resolution Foundation, што е спротивно на искуството на претходната генерација при влезот на пазарот на трудот.

Image by wirestock on Freepik
Миленијалците пак, родени меѓу раните 1980-ти и средината на 1990-тите, се првата генерација која не ужива повисоки расположливи приходи во споредба со претходните генерации, наведува тинк-тенкот. Истражувачите додаваат дека овој застој делумно се должи на тоа што нивните кариери започнале во периодот на финансиската криза во 2008 година, како и на долготрајната стагнација на реалниот раст на платите што следела потоа.
Преглед на извештај на Resolution Foundation што треба да биде објавен во четврток, укажува дека 24-годишните кои биле родени кон крајот на 90-тите имале 12 отсто повисока реална плата од онаа на лицата родени кон крајот на 80-тите.
На 24-годишна возраст, лицата родени во раните 2000-ти исто така заработуваат повеќе од која било друга генерација, почнувајќи од оние родени во 1950-тите, покажува студијата.
„Стагнацијата на животниот стандард кај миленијалците е добро документирана во изминатата деценија. Многумина претпоставуваа дека тоа ќе продолжи и за генерацијата Зет“, изјави Чарли МекКерди, економист во Resolution Foundation.
Тој изјави дека со тоа што најстарите припадници на генерацијата Зет веќе се неколку години дел од работната сила, добрата вест е, како што вели тој, дека тие доживеале мало закрепнување на платите.
Извештајот утврдил дека најниско платените, оние во долниот 10% од примањата, имале најголем пораст на платите, поради зголемувањето на минималната плата, особено од 2016 година. Нивните плати реално пораснале за 36 отсто меѓу 2012 и 2025 година.
Погоре на скалата на примања, работниците на возраст од 22 до 29 години со медијански приходи забележале раст на дневницата од 15 отсто во истиот период, во споредба со 4 отсто кај оние во триесеттите години и 11 отсто кај сите вработени.
Сепак, студијата предупредува дека „добрата приказна за генерацијата Зет е веќе под закана“, бидејќи реалните плати би можеле да почнат да опаѓаат поради притисоци како повисоки цени и послаб економски раст предизвикан од војната на Блискиот Исток.
Дополнително, бројот на млади од 16 до 24 години кои не се вработени, не студираат или посетуваат обуки, таканаречени NEET, достигнал околу 1 милион.
Поранешниот министер од Лабуристичката партија, Алан Милбурн, минатиот месец предупреди дека Британија ризикува зголемување од 25 отсто на бројот на NEET лица, до 1,25 милиони до почетокот на 2030-тите, доколку не се преземе итна акција за да се избегне „изгубена генерација“.
„За значаен дел од помладите припадници на генерацијата Зет, нивните кариери воопшто не ни започнале. Кризата со NEET во Британија претставува голем, долгорочен предизвик за генерацијата З и неговото решавање мора да биде врвен приоритет за владата“, додаваат од Resolution Foundation.
Извор: META.MK