
Мултимедијалниот центар при Економски Факултет на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип на 16 мај во сабота со почеток од 10 часот ќе биде домаќин на првата бизнис конференција именувана „Bizignate“. Конференцијата на едно место ќе ги собере сите претприемачи и претходни гости на поткастот „BizCast“ кои основале сопствени бизниси во државата, но и во странство. Преку панел дискусии и интеракција со младите ќе им го пренесат нивното искуство, но и ќе и дадат одреден степен на едукација за основање на бизнис.
„Интересно е што имаме многу пријавени млади од средните училишта коишто моментално се матуранти и се заинтересирани за претприемништвото.За разлика од високото образование каде интересот е помал.“, вели Петар Тодев, организатор на настанот.
Бизнис конференцијата ќе се состои од три клучни дела, од кои едниот е панел дискусија со четворица учесници. Следниот дел е предвиден да се состои од девет говорници коишто ќе зборуваат на теми од соодветните области со акцент на тоа „како од ништо створиле нешто“. Последниот дел од конференцијата е наменет за вештачката интелигенција и нејзината имплементација во бизнисот. На самата конференција ќе се одговарат прашања за користење на ВИ, дали таа може да замени работни места, но и ќе се даде финансиска едукација за можностите за инвестирање.
Моментално Тодев е основач на подкастот „BizCast“, но и на маркетинг агенцијата „Lead It“. Самиот тој е пример за претприемач кој започнал со „нула“, а моментално остварува соработки со познати и големи компании. Самиот негов почеток е и дел од мотивацијата за оваа конференција, сакајќи на младите да им даде „отскочна даска“ за основање на сопствен бизнис.
„Јас морав да се едуцирам најчесто гледајќи странски содржини и подкасти каде различни претприемачи од Европа и Америка го раскажуваа своето искуство и даваа совети. Би сакал нешто такво да има и овде па токму тоа е и мотивацијата зад BizCast и оваа конференција. Сакам да допринесеме да Штип како центар на истокот стане домаќин на оваа традиција, но и воедно да ги мотивираме младите дека и од мали места може да се направат големи нешта. Дека и од Штип може да се направи продукт за странските пазари, кој ќе биде баран“, вели Тодев.
Сите заинтересирани може да се пријават бесплатно и да учествуваат на конферецијата на events.leaditagency.com.