ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.06.2026
Мојот став: Племето наше е Пиреј ама никнува во Германија

Јас сум Даница, а ова е мојот став: 

Конечно имаме добра вест: Македонците раѓаат деца, но, единствениот мал проблем е што сè почесто тоа го прават во Германија.
Вртејќи низ социјалните мрежи, ми излезе податок дека лани, во Германија се родени 1.620 македонски бебиња, наспроти 16.061 кои проплакале дома, кој отвора еден фасцинантен и помалку морничав парадокс на нашиот транзициски карактер.
Со децении патолошки се гордееме со онаа култна реченица на Петре М. Андреевски дека „племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска“, дека колку и да нè копаат, газат и корнат, пак ќе никнеме од некоја жила.
Но, суровата иронија на денешницата е што овој современ македонски пиреј, за да преживее и да пушти нов корен, мораше да ја прескокне сопствената ограда и да никне во туѓи дворови.
Излегува дека нашата фалена жилавост не е способност да опстоиме дома, туку вештина да успеваме секаде, освен таму каде што сме родени.

Лани во Германија се родени 1.620 македонски бебиња

        Дополнителен слој на оваа социјална гротеска, е фактот што од децата родени во Македонија, дури 5.500 се родени во Скопје. Главниот град полека се претвора во последна чекална пред пасошка контрола, додека остатокот од државата сè повеќе личи на простор од кој животот тивко се повлекува.
Наместо градови полни со планови и амбиции, добиваме места што сè повеќе живеат од спомени. Во нив остануваат бабите и дедовците кои преку видеоповици им зборуваат на своите внуци, надевајќи се дека барем првите неколку зборови ќе ги научат на македонски, пред германските градинки да им станат вистински дом.
       Ова масовно преселување на луѓето одамна го демантира романтичниот мит за пирејот кој трпи сè и останува на својата земја.
Дури и најиздржливиот корен почнува да се суши кога почвата со години е натопена со корупција, безизлезност и несигурност.
Не заминуваат луѓето затоа што не ја сакаат државата, туку затоа што не можат да ја препознаат својата иднина во неа.
       И додека политичарите со години се самопрогласуваат за спасители на нацијата, настапуваат како патриоти пред камерите и водат бескрајни битки за симболи, народот тивко си го реши сопствениот „национален интерес“, eдноставно си замина.
          Својата иднина ја препушти во рацете на германскиот образовен систем, германските болници и германскиот даночен обврзник. Нам ни останаа празната гордост, патетичните говори и цитатите од лектирите, како споменик на еден колективен неуспех што одамна престанавме да го доживуваме како трагедија, а почнавме да го прифаќаме како нормална состојба.
(Видео) Александар Величков е најдобриот студент по медицина од УГД Штип
Започнаа уписите во средните училишта