ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.06.2026
(Видео) Александар Величков е најдобриот студент по медицина од УГД Штип
Автор: Goce Author

Традиционално, секоја година од страна на Лекарска Комора се наградуваат тројцата најдобри студенти по медицина од државните универзитети во Македонија. Годинава, најдобриот студент од Факултет за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“- Штип е Александар Величков кој се здоби со признанието „Примариус д-р Димитар Ивановски“

Александар не  ја гледал медицината отсекогаш како прва опција. После матурирањето, тој две години од своето високо образование ги поминува на Факултетот за физика и математика во Словенија, но набргу сфаќа дека таа област не е за него. Љубовта кон медицината потекнала од неговата желба и сонот да помага на другите луѓе и на општеството, па така ја донел одлуката своето образование и кариера да ги посвети кон оваа хумана професија. Со завршено средно гимназиско образование, Александар во почетокот на студирањето се соочува и со дополнителни предизвици, особено со предметите кои барале познавање на латински поими, но,  со текот на студирањето, соработката и поддршката од наставниот кадар, истите брзо се надминале.

„Сметам дека разликата помеѓу студирањето во Словенија и Македонија е и тој однос со колегите и професорите. Ние, овде во Македонија, сме поотворени за соработка, па тоа и ми помогна да ги надминам и тие почетни бариери. Како минуваа годините, понатаму бев вклучен и во многу воннаставни активности како во студентски организации и тела и се вклучив и во организација на многу конгреси и семинари, размена на искуства и идеи како и вмрежување со повеќе колеги и професори. Тоа исто така придонесе и дополнително да ја засакам медицината како професија.“, вели Александар.

Покрај високите оцени и просек кој придонесе за здобивање со ова признание, Александар како студент се истакна и со неговиот ангажман како претседател на Факултетското студентско собрание на ФМН, потпретседател на студентската организација СОМА и претседател и дел од организационен одбор на „Трет студентски конгрес на општа медицина“ и „Четврт Интернационален студентски конгрес на општа медицина“. Во текот на студиите тој беше дел од организацијата на бројни практични работилници, трибини и семинари кои им даваа можност на студентите за надополнување на нивното знаење.

„Во текот на студиите не е важно само да се оди на факултет и да се учи за оцена, многу е важен и социјалниот аспект, интеракцијата со колегите и професорите. Пораката кон младите и студентите ми е дека треба постојано да инвестираат и вложуваат во себе и тој труд на крајот ќе излезе на површина.

Александар, покрај високиот просек, пред сѐ е млад лекар со голема желба да остане и да работи во Македонија. Тој во иднина се пронаоѓа во областа на хурургијата, каде и голем дел од неговото студирање го поминуваше посетувајќи практична настава токму таму. Покрај дел од клиничната пракса, Александар понатаму се гледа и како дел од научно-истражувачката област.

„Во Македонија имаме квалитетен кадар, врвни професионални, професори и асистенти од кои како студенти имаме можност да соработуваме и учиме од нив. Треба да се подобрат само условите, менаџментот и опремата и апаратурата. Меѓутоа имаме од кого да учиме и треба да го зграпчиме тој момент, да се бориме да научиме и да го искалемиме занаетот кој што сакаме да го работиме. Можеби работата во странство може да донесе свовиден бенефит и финансиска поддршка, меѓутоа јас секогаш се водам од идејата дека треба да го правам она што јас го сакам, а тоа е дека сакам да работам и создавам во државата во која сум роден. Си ги сакам луѓето и Македонија.“, вели Александар.

Тајната за успехот, според Александар, е континуитет и верба во себе. Тој порачува на своите колеги и студенти дека обемниот материјал бара и подолго време за совладување и се спрема уште од самиот почеток на семестарот. Но, покрај многуте часови над книга, сепак уште еден клучен фактор е и вербата во себе и неоткажувањето од својот сон.

 

 

 

Мојот став: Племето наше е Пиреј ама никнува во Германија
Започнаа уписите во средните училишта