
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Понекогаш е доволно да прочиташ неколку редови за една далечна земја за да сфатиш дека цело време си барал одговори на погрешни прашања.
Кога почнав да работам на истражувањето за Финска, земјата што веќе девет години по ред се наоѓа на врвот на листата на најсреќни земји во светот, очекував објаснувањето за нејзиниот успех да го најдам во високите плати, економската стабилност и животниот стандард. Наместо бројки што ќе ме убедат дека среќата може да се пресмета, наидов на нешто многу повредно, општество во кое студентот не живее со чувството дека секој ден мора да се избори за право на иднина, туку со увереност дека системот постои за да му помогне да ја изгради.

И тогаш, сосема спонтано или можеби не, престанав да читам за Финска, и почнав да размислувам за Македонија.
Не знам дали потсвесно сакав да ги споредувам двете земји, но, знам дека многу лесно сме се помириле со работи што одамна престанале да бидат нормални. Студентските денови сè почесто ги поврзуваме со неизвесност, со пресметки дали ќе има доволно пари до крајот на месецот, со административни лавиринти и со чувство дека дипломата не е круна на вложениот труд, туку само почеток на уште една борба.
Можеби најзагрижувачко е што сè поретко се прашуваме дали тоа воопшто треба да биде така. Како да прифативме дека младоста е период во кој повеќе ќе учиме како да се снаоѓаме отколку како да размислуваме. Дека ќе трошиме повеќе енергија на совладување на недостатоците на системот отколку на сопственото образование.
За некого тоа значи работа до доцна навечер за да ги покрие основните трошоци. За друг, стипендија што доцни со месеци. За трет, уверување дека дипломата ќе вреди повеќе надвор отколку дома. Различни приказни, но исто чувство: дека системот премногу често претставува пречка наместо поддршка.
Често велиме дека младите сонуваат за „белиот свет“, како тој да е некое далечно место во кое животот е совршен. Но можеби белиот свет никогаш не бил географска одредница. Можеби отсекогаш бил чувство дека знаењето има вредност, дека трудот се препознава и дека никој не очекува од тебе, уште пред да дипломираш, да се откажеш од вербата дека иднината можеш да ја изградиш таму каде што си се родил.
Мислите ли дека македонските студенти не се несреќни затоа што не живеат во Финска? Јас се двоумам што е поголема несреќа, но разумот ми вели дека несреќни се кога ќе почувствуваат дека нивниот труд не е доволен, дека нивните можности зависат повеќе од околностите отколку од способностите и дека секој разговор за иднината, порано или подоцна, завршува со истиот совет: “побарај ја надвор од границите на сопствената држава”.
Во таква атмосфера најголемата загуба е моментот кога младите ќе престанат да веруваат дека овде вреди да се остане.
Можеби токму затоа Финска не е најсреќната земја затоа што има повеќе пари, подобри патишта или помодерни универзитети. Таа е најсреќна затоа што одамна разбрала дека најважната инвестиција што може да ја направи една држава не е во бетон, туку во човекот, особено во младиот човек, кој еден ден ќе го создава општеството во кое сите ќе живееме.
Не знам дали Македонија некогаш ќе се најде на врвот на листата на најсреќни земји во светот, но знам едно: ниту една држава не ги задржала младите така што ги молела да останат. Ги задржала така што им дала причина.
Причина да веруваат дека знаењето има смисла, дека трудот има вредност, дека соништата не мора да се остварат на друго место за да бидат реални…
Затоа, на вас остамвам да размислите колку чини еден студентски сон во Македонија и колку ќе нè чини сите нас ако дозволиме тој сон да продолжи да се остварува на некое друго место.