Лани во Германија се родени 1.620 македонски бебиња
Дополнителен слој на оваа социјална гротеска, е фактот што од децата родени во Македонија, дури 5.500 се родени во Скопје. Главниот град полека се претвора во последна чекална пред пасошка контрола, додека остатокот од државата сè повеќе личи на простор од кој животот тивко се повлекува.
Наместо градови полни со планови и амбиции, добиваме места што сè повеќе живеат од спомени. Во нив остануваат бабите и дедовците кои преку видеоповици им зборуваат на своите внуци, надевајќи се дека барем првите неколку зборови ќе ги научат на македонски, пред германските градинки да им станат вистински дом.
Ова масовно преселување на луѓето одамна го демантира романтичниот мит за пирејот кој трпи сè и останува на својата земја.
Дури и најиздржливиот корен почнува да се суши кога почвата со години е натопена со корупција, безизлезност и несигурност.
Не заминуваат луѓето затоа што не ја сакаат државата, туку затоа што не можат да ја препознаат својата иднина во неа.
И додека политичарите со години се самопрогласуваат за спасители на нацијата, настапуваат како патриоти пред камерите и водат бескрајни битки за симболи, народот тивко си го реши сопствениот „национален интерес“, eдноставно си замина.
Својата иднина ја препушти во рацете на германскиот образовен систем, германските болници и германскиот даночен обврзник. Нам ни останаа празната гордост, патетичните говори и цитатите од лектирите, како споменик на еден колективен неуспех што одамна престанавме да го доживуваме како трагедија, а почнавме да го прифаќаме како нормална состојба.