На 18.12.2024 (среда) од 17:00 до 20:00 часот на новогодишниот базар во Штип ќе бидат изложени за продажба новогодишни изработки од децата со посебни потреби од ДСУ „Искра“- Штип. Ваквата иницијатива потекнува од студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетското студентско собрание(УСС), кои претходно учествуваа со самиот процес на изработка на новогодишните украси и честитки.
„На ден 11.12.2024 година имавме чест да ги посетиме ДСУ ,,ИСКРА” -Штип, каде учениците со нивната неисцрпна енергија и искрени насмевки, заедно со нас создадоа новогодишни украси. Овие украси не се само обични предмети, туку се симбол на љубовта, радоста и заедништвото. Во секој украс е вплетена искреноста на детските срца и топлината на нивната креативност. Еден наш потсетник дека највредните нешта се создаваат од душа и со желба да се измами насмевка кај другите. Овие украси, ќе бидат понудени на продажба, а сите средства ќе бидат наменети за нивните потреби. Ова не е само гест на солидарност, туку и потсетник дека секој од нас, со својата уникатност, е дел од поголема приказна. Приказна во која заедништвото го надминува секој предизвик, а љубовта ја осветлува иднината.“, вели Станела Гацова, претседателка на УСС при УГД.
Студентите на УГД и учениците од „Искра“, ги повикуваат сите заинтересирани да се приклучат кон хуманата акција и да помогнат.