
Повеќе од 18.000 деветтоодделенци годинава аплицираа за упис во средните училишта во земјава, а најголемиот дел од нив се одлучиле да го продолжат образованието во средните стручни училишта.
Според податоците на Министерството за образование и наука (МОН), по првите два уписни рока во гимназиско образование се запишале 4.653 ученици, додека во средното стручно образование се запишале 10.823 ученици.

Во првиот уписен рок, кој се реализираше од 12 до 15 јуни преку електронско пријавување, аплицирале 15.075 ученици. По спроведената селекција во уметничките училишта, запишани се 13.423 ученици. Од нив, 9.839 ќе следат настава на македонски наставен јазик, 3.357 на албански, 213 на турски и 14 на српски наставен јазик.
Во вториот уписен рок, кој се одржа на 23 јуни, се пријавиле уште 2.927 ученици. Од нив, 1.457 аплицирале за настава на македонски, 1.369 на албански и 101 на турски наставен јазик.
Со тоа, во двата уписни рока вкупно се пријавиле 18.002 ученици. Од Министерството за образование и наука информираат дека резултатите од второто пријавување ќе бидат целосно финализирани по завршувањето на селекцијата во уметничкото образование.
И оваа година деветтоодделенците аплицираа електронски преку државниот портал uslugi.gov.mk, користејќи ги корисничките профили од schools.mk. Во системот требаше да ги прикачат свидетелствата од шесто до деветто одделение, додатоците на свидетелствата и изводот од матичната книга на родените.
Сепак, и покрај електронското пријавување, учениците повторно имаа обврска лично да ги достават оригиналните документи во училиштата во кои конкурираат. Тоа значи дека процесот сè уште не е целосно дигитализиран, иако од МОН и претходно најавуваа дека се работи на целосна дигитализација на уписите во средното образование.