ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.11.2026
Нема ништо за младите? Оваа екипа си направи авантура на која може да се приклучи секој

„Нема што да се прави во Штип.“ е реченица која се слуша секојдневно во градот додека се скролаат рилсови на телефонските екрани. Додека повеќето млади се жалат, овие млади решија да преземат нешто и да направат авантура на која можат да се приклучат сите.

Дел од Екипата од Клубот заедно со Бојан (во средина долу)

Наместо да чекаат некој друг да им организира забавни содржини, Алпинистичкиот клуб „Астрајон“ ги отвори вратите за нови волонтери преку иницијативата „Стани млад херој“.

Ова е покана за сите што сакаат да научат да се движат безбедно низ планина, да лазат по карпи, да преживуваат во природа и да стекнат вештини што остануваат за цел живот.

„Секој волонтер еднаш неделно има едукативна работилница на различни теми поврзани со природата и безбедното движење во неа. Меѓу темите се основите на алпинизмот, планинска метеорологија, препознавање на змии, ориентација во природа, врзување јазли и бивакување. На тој начин младите стекнуваат конкретни знаења и вештини што им остануваат за цел живот — не само за во планина, туку и за самодоверба, одговорност и работа во тим.“, Бојан Андонов, претставник од Алпинистички клуб „Астрајон“.

Чекањето нема магично да го претвори слободното време во добра забава, затоа ова може да биде интересен повик за младите. Планините се на чекор од градот, вештините се тука, а екипата е собрана. Сега прашањето е само дали ти сметаш да излезеш од комфорната зона или ќе останеш да гледаш туѓи рилсови.

Инаку Алпинистички клуб „Астрајон” од Штип е клуб што ги обединува љубителите на планината, алпинизмот и движењето во природа. Преку своите активности, клубот работи на поттикнување на младите кон здрав начин на живот, стекнување практични вештини за безбедно движење во планина и негување на другарството и тимскиот дух.

„Токму од таа мисија произлезе и базата на волонтери — начин сите млади што сакаат да бидат активни во природата да се соберат на едно место и да растат заедно со клубот. Ги охрабруваме младите да се приклучат и да станат дел од тим што сака да учи. Веруваме дека најголемата привлечност е токму тоа — да припаѓаш на екипа каде што секоја недела носи нешто ново, каде што се учи преку искуство и каде што природата е најдобрата училница.“, вели Бојан.

Млади од Штип пронашле начин од лушпи од портокал да направат ќеса
Стани млад херој – Пријава за волонтери и членови