
320 денари ќе чинат патарините за патување од Штип до Скопје, по автопатот „Гоце Делчев“. Ова и досега се споменуваше како сума која возачите ќе треба да ја издвојат откако ќе бидат пуштени двете нови патарини на делницата Штип – Миладиновци.
Директорот на Јавното претпријатие за Државни патишта Ејуп Рустеми денеска објави дека патување од Скопје кон Штип во еден правец ќе чини 160 денари.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека донесени се цените на двете нови патарини на автопатот Миладиновци – Штип кои, според Програмата за работа на претпријатието треба да бидат пуштени во вториот квартал од годинава.
-Цената на патарините се утврдува според Законот, по километар 2,57 денари. Така што, кај Преод ќе биде 50 денари, а Кадрифаково ќе биде 70 денари цената, рече Рустеми.
Досега возачите плаќаа само 40 денари, на единствената патарина на оваа релација, кај Миладиновци. Со додвање на патарината кај Миладиновци, патувањето од главниот град кон Штип ќе не чини 160 денари во правец за патарини. Што се однесува до патниците од истокот, нив одсега и патувањето до Свети Николе ќе ги чини 70 денар. Ова поради тоа што патарината кај Кадрифаково е практично пред Свети Николе.
Ова веројатно најмногу на својот џеб ќе го почувствуваат многумина светиниколчани кои работат во Штип и секојдневно патуваат на работа. Според најавите кои денеска ги потврди првиот човек на Јавното претпријатие Државни патишта, Ејуп Рустеми, новите патарини можно е да бидат пуштени до пред почетокот на летото.