
Техничките науки долги години ги следи епитетот на неатрактивност, најчесто на сметка на општествените науки, кај кои секогаш интересот за изучување е многу поголем. Трендот за иселување на младите се почувствува воопшто во сите области на образованието со недостаток и се помал број на ученици и средношколци, а нормално со поголема силина се манифестира токму кај техничките науки.
Преслушајте го целиот текст и со заклучен телефон: |
Во целата таа ситуација, сликата навидум ја подобрува големиот интерес за информатичките студиски програми, но тоа не го надоместува вакуумот кој го има кај инженерскиот кадар. Од година во година, бројот на запишани студенти на техничките факултети се намалува, а стопанството може и да дојде во ситуација да не може да го обезбеди потребниот кадар. Поради ваквите состојби, гоце.мк и универзитетските медиуми реализираа онлајн анкета меѓу студенти и средношколци за да се дознаат мислењата за причините за ваквите состојби.

Ана Михаиловска – Демонстратор на ФПТН и студентка на втор циклус
Одговорите добиени од учесниците во анкетата генерално се слични на оние и за другите области. Се споменува праксата, неусогласеноста на студиските програми со реалниот сектор, делумно се спори и стручноста и подготвеноста на образовниот кадар. Интересно е дека поголем дел од анкетираните изјавуваат дека не мислат да заминат во странство, а како една константа во одговорите е дека одлуката за да се студира на природни и технички науки е поради тоа што лесно може да се дојде до вработување.
Дека бројот на студенти се намалува, потврдува и проф. Д-р Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Тој исто така потврдува дека секогаш има простор за надградување на студиските програми, секако и во поглед на праксата. Во тој поглед, студентите се поддржани со стипендии и од универзитетот, но и од стопанството.
Ана Михаиловска проблемот со праксата може да го гледа од два аспекта. До скоро студент на Факултетот за природни и технички науки, а сега веќе и демонстратор на истиот факултет. Праксата е значајна за студентите, и тие самите си го поставуваат прашањето што после студиите ако нема соодветна пракса, и кога веќе се нудат можности, студентите треба да се насочуваат да ги користат.
Една од најчестите забелешки, кога и да се говори за студиските програми во Македонија, е дека тие се неприлагодени и не одговараат на потребите на реалниот сектор. Колку и во некои ситуации да има реална основа за такво нешто, во поголем дел од случаите состојбата е поинаква. Проф. Д-р Ѓорѓи Димов смета дека студиските програми се квалитетни, друго е прашањето колку сме доследни во нивната реализација.
Праксата останува еден од најзначајните делови од реализацијата на студиските програми, што се покажува и во интересот на компаниите да ги следат и стипендираат студентите во текот на целото нивно студирање. Сепак, во делот за праксата уште има неповолни моменти за студентите. Тие често се и одбивани од некои компании, а проблем е и тоа што праксата кај нас е во најголем дел неплатена.
Делот за платена пракса во Македонија гои регулира Законот за практикантска работа, но и покрај тоа што таму е предвидено дека практиканството треба да е платено, студентите најчесто постануваат на добиените стипендии, без платен труд како практиканти. Ова покажува дека се потребни измени во законските одредби, за што веќе имаше обиди за иницирање измени од невладиниот сектор, но останаа без резултат.
Природните, посебно техничките науки и понатаму остануваат како податливи за полесно вработување, и тоа се смета за нивна предност, но факт е дека треба да се работи на зголемување на интересот кој е се помал. Според кажаното, студиските програми се прилагодуваат, но јасно е дека е потребно нивно доследно применување, посебно во поглед на праксата.