
НВО Инфоцентар организираше онлајн средба со Љирим Шабани, в.д. директор, и Мерјем Хаџихамза, раководител на сектор, претставници на МАЛМЕД – Агенцијата за лекови и медицински средства, со акцент на вакцините и останатите лекови кои се употребуваат за лекување на заболените од Ковид 19.
На средбата, интересот на новинарите беше насочен кон повеќе теми, а една од нив беше и во врска со несаканите дејства од вакцините.
–Секој може да пријави несакани ефекти од било каков вид. Во голема мерка, несаканите ефекти, досега пријавени од сите вакцини, се во рамки на предвидливите, кои што се точно наведени во самото упатство на вакцината. Дали е тоа главоболка, гадење, болка на екстремитети, вртоглавица, болка на рамо, на самото место на апликација на вакцината. Обично и генерално тоа се досега пријавуваните несакани ефекти. Исклучок од ова е случајот со миокардит од вакцината на фајзер, кој што се утврди откако беше пуштена вакцината, што не беше предвидено како несакан ефект од страна на производителот, тоа се утврди од страна на Европската агенција за лекови. Тие направија дополнителна варијација, таков е стручниот термин, дека дополнително се вклучува како нескан ефект. Потоа и ние кај нас го внесовме како очекуван несакан ефект, но во многу ретки случаи. Генерално, процентот на несаканите ефекти по однос на аплицираните вакцини е далеку мал, што можеби и не задира во здравјето на граѓаните после вакцинирањето – рече Љирим Шабани, в.д. директор на МАЛМЕД.
Во врска со лековите против Ковид, кои неретко и се купуваа од странство, раководителката на сектор во МАЛМЕД изјави:
–Доколку се почитуваат законските одтредби, лекарите кои ги ординирале тие лекови, претпоставувам биле во контакт со пациентите и доколку забележале некое несакано дејство, биле должни да пријават во Агенцијата за лекови. Пациентите за жал помалку пријавуваат несакани дејства, посебно кога се работи за очекувани, тоа некако се зема како да не е ништо, но добро е да се пријавува секоја реакција. Досега има 15 пријави од граѓани, на веб страната на Агенцијата за лекови има образец преку кој можат граѓаните да пријават несакано дејство или сомнеж за некое несакано дејство. Треба да се пополни пријавата и да се поднесе. Имало понекогаш и пријави за неочекувани несакани ефекти – болки во градите, тромбоцитна реакција, алергиска реакција, а сите овие случаи се третирани лекарски и пациентите се опоравени.
Љирим Шабани
Лирим Шабани изјави дека МАЛМЕД уште од почеток даваше поддршка за тоа сите лекови кои од страна на важните институции – СЗО, ЕМА, научници, клинички испитувања – да бидат достапони кај нас во државата. Досега сите тие лекови што беа спомнати дека можат да помогнат во одредена фаза на третман на Ковид 19, тие лекови во рекордно време одобрени и донесени кај нас во државата. колку беа користени и колку дадоа резултат, тоа е за некоја постковид анализа.
Бидејќи често се шпекулира и со поврзаноста на вакцините и смртните случаи, новинарите имаа интерес и за ова прашање. Според МАЛМЕД, во Македонија до 31 октомври годинава се пријавени сомнежи за два смртни случаи после примена вакцина против ковид-19, но тоа треба официјално да се утврди од Мониторинг центарот УПСАЛА и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), изјави раководителката на сектор во МАЛМЕД, Мерјем Хаџихамза.
Прочитајте и: Во светот администрирани повеќе од 7 милијарди дози од вакцините против Ковид 19
——————————————————————————————————————-
Станува збор за сомнеж за пријава на смрт на 53-годишен маж лице после примена „Фајзер“ , која била регистрирана во септември и 85-годишен маж после примена вакцина на „Астра Зенека“, пријавата е во април.
„И двата случаи се пријавени од доктори, според законот, 24 часа после смртта. Едното лице починало после 2 недели од примањето на вакцината. Апелирам дека ова не се конечни и официјални податоци. Бидејќи, кога ќе се употреби вакцина, ако се појави реакција, не значи дека е последична реакција од вакцината. Постојат голем број параметри кои треба да се испитаат, од што боледувало лицето претходно, каков живот имало, какви лекарства примало. Се прави комплетна обработка за да се докаже дали е навистина смртта поврзана со употребата на вакцината. Едниот починат имаше голем број коморбидитети“, појасни Хаџихамза.