

Фото: facebook.com/coalitionSEGA/
Дека младите ги има малку на позициите кои се влијателни во донесувањето на одлуки, goce.mk пишуваше и по завршувањето на локалните избори, кога беше јасно дека мал е бројот на советници – млади, како и градоначалници. Тоа го потврди и Истражувањето на Коалицијата на граѓански организации „СЕГА“, на тема „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“. Според добиените податоци, само двајца од градоначалниците се млади под 29 години, а само 17 % од советниците во локалните совети се млади, иако оваа категорија на лица чини една четвртина од вкупното население во Македонија.
Но, ова истражување истакна во прв план и еден друг голем проблем на младите – невработеноста!
Според истражувањето, за 58,4 проценти од младите невработеноста е на прво место на листата на проблеми, потоа следуваат материјалната и економска независност – 50,8 проценти, како и алкохолизмот, зависноста од дроги, деликвенцијата и слично – 45,9 проценти. Во однос на стандардот за живеење, младите го делат мислењето дека стандардот ни е низок, но од друга страна има мала мотивираност кај младите да го подигнат, а најчесто како најлесно решение се бира заминувањето од земјата во ЕУ. Она што е битно е дека младите се свесни оти тие самите треба да ја обликуваат и да одлучуваат за својата иднина.
Прочитајте и: СОС Детско село и Коалицијата СЕГА заеднички за подобра видливост на младите
Младите не се задоволни од квалитетот на мерките и политиките за младите луѓе, политиките во однос на здравството, образованието, вработувањето, домувањето, културата… Дополнително на тоа, многу мал дел од младите, 28,8 отсто, се запознаени со Законот за младинско учество и младински политики, а уште помалку со Националната стратегија за млади 2016-2025 – 19,4 отсто. Повеќе од половина од испитаните млади не се информирани дали постои локална стратегија за млади во нивната општина.
Иако младите имаат генерално позитивен став кон младинскиот активизам, тие многу малку се задоволни со моменталното ниво на младинско учество во процесите на креирање политики за млади.
Само 20,3 проценти од младите во последните 12 месеци учествувале во некој процес на донесување одлуки во училиште, факултет, општина или во владина институција. Малку поголем процент, 30,6 проценти од младите, изразиле став на социјалните медиуми во последните 12 месеци.
Алармантен е податокот дека само 22,9 отсто од младите слушнале за локални младински совети што укажува дека локалните младински совети генерално не допираат до најголем дел од младите лица. Сепак, само 20 отсто од младите сметаат дека ЛМС можат ефективно да ги застапуваат интересите на младите. Младите сметаат дека најдобар начин и мотивираност за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации.

Зоран Илиески
– Се наоѓаме во период од фазата на спроведување на законот за младинско учество и младински политики, сметаме дека проектот значително ќе придонесе кон негово спроведување особено во делот на воспоставување на посистематска соработка со граѓанското општество кон суштинско младинско учество. Со проектот директно ќе ја поддржиме работата на локалните службеници за млади, ќе дадеме придонес во развојот на волонтерството и ќе им помогнеме на општините во развојот на локалните политики за млади, промовирајќи ненасилна комуникација и родова еднаквост, изјави на презентацијата на резултатите од истражувањето Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
Според Софија Георгиевска, главниот истражувач за Почетната студија за младински трендови, квалитетот на живот и перцепцијата на младите за иднината во нашата држава не е на завидно ниво и младите сметаат дека платите се ниски, а цената на производите расте и тоа ја отежнува ситуацијата да имаат стандард на живот како што посакуваат.