ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.12.2022
Никој не прифаќа одговорност за грешките во учебниците

Доцнење на учебниците, на крај печатење со грешки, го одбележаа првото полугодие на учебната година, а за тоа никој не сака да преземе одговорност.

Најпрвин имавме молк, игнорирање на баналните грешки во повеќето од учебниците,за потоа да се јават авторите на учебникот по Историја и општество. Тие реагираа на навредите од јавноста дека се неписмени, а во своја одбрана рекоа дека мни тие ни рецензентите немале можност да го проверат учебникот пред печатење.

„Навистина ни е жал што во нашите напори да не испуштиме нешто суштинско сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот, кој е тема на дискусија, е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба уште во мај годинава. Сите сугестии што беа од техничка природа се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија.

Ниту ние авторите ниту рецензентите немаа можност да го прегледаат учебникот пред печатењето. Можеби ќе забележевме дека наместо V век, пишува V век пр. н.е.. Дека при обработка и средување на текстот останала грешката за местоположбата на нашите соседи од исток и од запад или за мерните единици. И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што, ако се прочита учебникот во целост и се анализира, педагошки, методолошки… ќе се забележи дека тој во целост ги следи наставната програма, методологијата за изработка на учебник и националните стандарди“ – изјавија тогаш авторите.

Учебникот кој доцнеше на првото школско ѕвонче полн со катастрофални грешки

МОН одговорност бара кај авторите на учебникот

Министерството за образование и наука и Педагошката служба започнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за 5-то одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности. Вчера МОН објави и свој став на веб страната, во кој стои:

„Авторите и рецензентите на учебникот по Историја и општество за 5то одделение, вината за направените грешки во содржината, неосновано ја префрлаат ја префрлаат на МОН. Должни сме да информираме дека по направените измени во учебникот кои им се сугерирани од страна на рецензентите, авторите до Националната комисија за учебници на ЦД го имаат доставено учебникот заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија, а рецензентите пак, имаат потпишано изјава дека нивните забелешки се имплементирани во истата.

Сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници. Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен“.

Фото: МОН

Грешки за поука или пракса за во иднина?

МОН исто така упати апел до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува.

Нова учебна година, стари проблеми!

Дали ова барање или избегнување на одговорност, префрлување на вината како пингпонгарско топче ќе придонесе наредната година да нема грешки, но и учебниците да стигнат на време, останува да чекаме и да видиме. Ако биде така, тогаш ќе можеме да кажеме дека не е голема цена неподнесувањето одговорност за пропустите. Ако се повтори истата слика, тогаш, само ќе можеме да заклучиме дека промените мора да бидат многу подлабоки и сериозни.

10 општини подготвени за оптимизација на училиштата
Конференција за социјално претприемништво на Младински сојуз