
Математиката за многумина ученици е еден од најстресните предмети во училиште, но Нела Николова е дипломиран студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство која одлучи тоа конечно да го промени.
Спојувајќи го своето повеќегодишно искуство од држење приватни часови со знаењето стекнато на факултетот, таа ја создаде BLESNI – дигитална едукативна веб-платформа за персонализирано учење по математика, целосно усогласена со македонската наставна програма.
Она што започнало како идеја за нејзината дипломска работа, брзо прераснало во реален, функционален и амбициозен производ зад кој стои комплетен авторски труд – од креирањето на образовната содржина и дизајнот, до техничката имплементација, маркетингот и поддршката за учениците.

Идејата за платформата произлегува директно од практичното искуство во работата со деца од различни возрасти и со различен стил на учење. Уште на 17 години, Нела започнала да држи приватни часови по математика, а низ годините работела со ученици со различно предзнаење и различни начини на учење.
Преку тоа искуство сфатила дека не учат сите ученици на ист начин и дека на некои им треба повеќе вежбање, на некои визуелно објаснување, а на други дополнително време или појаснување за истата работа. Бидејќи паралелно студирала на ФИНКИ, природно почнала да размислува како знаењето од технологијата може да го искористи за да создаде поинакво искуство за учење.
Од Штип до 60.000 следбеници: Студентка создаде заедница што ги мотивира студентите ширум светот
Нела истакнува дека математиката била природен избор бидејќи во работата забележала дека проблемот ретко е во самата способност на ученикот, туку во начинот на кој материјалот му е презентиран. Математиката е предмет каде што знаењето се гради чекор по чекор, па ако една основа не е добро совладана, тоа подоцна може да создаде проблем со посложените теми.
Поради тоа, нејзината желба била да создаде платформа каде што ученикот може да учи со свое темпо, да се враќа на материјалот, повторно да вежба и да го повторува она што не му е доволно јасно, без притоа да се плаши или да чувствува непријатност.

BLESNI за учениците нуди видео лекции, белешки, интерактивни квизови, следење на напредокот, па дури и систем на континуитет кој го наградува редовното вежбање и гради навика за учење. Родителите, пак, преку свој личен профил имаат целосен увид во активноста и напредокот на своето дете. Една од најиновативните функции е вештачката интелигенција интегрирана како математички асистент на македонски јазик.
Нела додава дека овој асистент ги поттикнува учениците самите да размислуваат, наместо едноставно да им ги сервира готовите решенија. Кога ученикот ќе се соочи со тешка задача, асистентот му нуди соодветна насока, го потсетува на правилото или го води чекор по чекор кон конечното решение. Целта е вештачката интелигенција да биде само корисен сопатник, додека главниот фокус останува на ученикот и неговиот индивидуален процес на совладување на материјалот.

Платформата е конципирана да одговори на различни потреби и возрасти, организирана во три пристапни пакети. Првиот пакет START е наменет за ученици од прво до петто одделение и за деца од предучилишна возраст, каде што фокусот е ставен на учење преку игра и проверка на знаењето преку квизови.
Вториот пакет BLESNI е наменет за учениците од шесто до деветто одделение и овозможува целосно самостојно учење преку интерактивни и видео лекции, задачи и дигитална поддршка. За оние на кои им е потребен и директен човечки контакт, тука е BLESNI PREMIUM пакетот, кој покрај дигиталната содржина вклучува и менторска поддршка, индивидуален онлајн час и неделни консултации.
ИНОВАЦИЈА: Млади направија апликација за пребарување на најблиската аптека со најевтин лек
Говорејќи за визијата и целта на овој проект, нејзината идеја е да се отстрани стравот од математиката и да се покаже дека знаењето се гради постепено, без непотребен стрес пред тестовите. Самото име BLESNI произлегува од верувањето дека секој ученик има потенцијал во нешто да биде успешен.
Без разлика дали некој има талент за спорт, уметност или музика, секој ученик може да постигне одлични резултати и во математика доколку добие вистинска поддршка и вложи соодветен труд.

Идните планови предвидуваат BLESNI постепено да прерасне во поширок дигитален едукативен центар кој ќе опфати и други предмети, како природни науки, македонски и странски јазици, со вклучување и на други наставници и професори.
Платформата е достапна онлајн и до неа може да се пристапи од компјутер, таблет или телефон. Во пресрет на новата учебна година е најавен и Отворен ден, каде што учениците и родителите ќе можат лично да ја разгледаат платформата, да испробаат како функционира и да ги добијат сите потребни информации директно од авторката.
Сите новости и детали редовно се објавуваат на официјалната веб-страница и на нивните профили на социјалните мрежи.