
Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните и приватните студентски домови во Република Северна Македонија за студиската 2023/2024 година.

Според Конкурсот , слободни се вкупно 4480 места за сместување студенти во домовите во Скопје, Битола, Охрид, Прилеп, Штип и Тетово.
Од нив, 1093 се за бруцоши и 3385 за запишани од втора до шеста година на студии и за апсолвенти.
Во домовите во Скопје, 1178 легла има во „Гоце Делчев“ (од кои 235 за бруцоши и 941 за студенти од повисоките години на студии); во „Стив Наумов“ – трета зграда има вкупно 369 и за нови бараки 138; во „Пелагонија“ има вкупно 997 места и 370 во „Томе Стефановски-Сениќ“.
Во ДСД „Кочо Рацин“ во Битола се слободни вкупно 385 места. 242 во ДСД „Никола Карев“ – Охрид, 335 „Орде Чопела“ – Прилеп. Во државниот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип има 236 места. Во двата приватни дома во Штип има 60 во ПСД „Хилјадников“ и 52 во ПСД „Логос’.
ПСД УЈИЕ Тетово има вкупно 120 места за сместување студенти во академската 2023/2024 година.
Студентите кои се пријавуваат на конкурсот треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk
Студентско сместување – колку чини и како го наоѓаат студентите?
Во Конкурсот се појаснети начинот на распределба на местата во домовите за студенти, условите и постапката за прием, начинот на електронското пријавување и документите потребни за аплицирање.
Документите се прикачуваат електронски од 17 до 31 јули, а студентите од прва година од 1 до 11 септември.
Конечниот список за прием на студентите од втора и повисоките години ќе биде објавен на 5 септември 2023, а за студенти од прва година на 30 септември 2023.
Списоците ќе бидат објавени на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб-страницата на Министерството. Приговорите по резултатите се доставуваат во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.