
Шеесет и второто издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворено вечерва на Античкиот театар во 21 часот. Фестивалот ќе го отворат четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини. Италијанските уметници ќе настапат под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет на Република Северна Македонија.

Photo by: The-Four-Italian-Tenors/ fb page
Доколку сте во Охрид во текот на некоја од четириесетте фестивалски вечери ќе имате можност да посетите некој од настаните: 36 концерти, 10 домашни и странски театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. На фестивалот оваа година ќе настапат вкупно 1000 уметници од 25 земји.
Охридско лето се одржува на 5 различни локации, во Центарот за култура, црквата „Св. Софија“, сцената во предворјето на црквата „Св. Софија“, Античкиот театар и на сцената „Долни Сарај“.

Охридско лето за отворено ќе го прогласи претседателот Стево Пендаровски, кој патем е и покровител на фестивалот. Ќе се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Уметничката порака ќе ја пренесе композиторот и музички уметник Горан Начевски. Свеченото отворање и оваа година ќе биде проследено со интонирање на фестивалската химна. Секако и палење на фестивалскиот оган и богат огномет над охридското небо.