
Ирена Ралева-Најдевска е основач на иницијативата „Органодарителство.мк“ и организатор на јавни трибини за органодарителство сочинети од врвни професионалци и еминентни доктори во оваа област од Македонија. Последната организирана јавна трибина се одржа во Штип пред студентите на Факултетот на медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип и во ко-организацијата со студентската медицинска организација СОМА.

Ирена Ралева – Најдовска
Поттикната од сопствената приказна, борбата и исчекувањето, Ралева- Најдевска одлучува својата енергија и глас да ги насочи кон едукација на пошироката јавност и кревање на свеста за органодарителство. Според медицинските докази, еден донор може да спаси дури и до осум човечки животи.
„Неинформираноста во Македонија чини животи. Го велам ова од позиција на сопруга, чиј сопруг веќе пет години чека на националната листа за трансплантација на срце. Оваа тема е табу, но сметам дека веќе не смее да биде бидејќи секој од нас може да се најде во ситуација да биде на листата на чекање. Истовремено може да се најдеме и во ситуација да одлучиме за тоа дали органите од наш близок починат ќе бидат донирани.“, вели Ралева-Најдевска.
Таа истакнува дека овие кампањи ги прави како резултат на маката со која се соочува со години. Неизвесноста исчекувајќи повик дека некој се одлучил да ги донира органите на својот близок е секојдневие за семејството на Ралева-Најдевска. На оваа листа на чекање за трансплантација на срце се наоѓаат и уште осум млади пациенти кои се зависни од механичка поддршка. Единствен начин за овие лица да продолжат да живеат е со трансплантација на органи и одлука донесена од страна на семејството на доброволен начин.

Ралева-Најдевска ја потенција важноста на овие трибини за органодарителство каде треба да се присутни не само студентите, туку и сите граѓани.
„Нашата борба трае долго. Имаме мала керќа која татко си го памети само со помагала и пумпи кои веќе ги носи седум години , иако не се носат толку долго. Сметам дека немам друг избор освен да се активирам во граѓанскиот сектор и преку вакви трибини да ја споделам нашата приказна. Како нас има уште многу пациенти, меѓутоа таа стигма, стравот и несакањето од јавно говорење носи само подлабок проблем без решение.“, вели Ралева-Најдевска.
Според проф. д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација, медицински услови за донирање имаат само лицата починати од мозочна смрт. Дополнително, лицето треба да се наоѓа на Интензивна нега, приклучено на респираторна поддршка и на овој начин по вештачки пат се одржува перфузијата на останатите органи во текот на неколку часа, максимално еден ден, за да бидат поволни за трансплантација.
Моментално, Законот налага дека органите може да се донираат од лице со мозочна смрт, исклучиво после добиена согласност од семејството.

Билјана Кузмановска
„Актуелно се работи на нов закон за трансплантација каде што ќе има додаток во членот 4, каде покрај семејната согласност, ќе може секој да одлучи за себе и да се пријави кај матичниот лекар дека ќе биде донор. На овој начин можеби и ќе ја поттикнеме хуманоста и дополнително нема да го ставаме семејството во состојба да одлучува, туку секој сам ќе си одлучува. Правиме напори и борба да го внесеме доброволното запишување во регистерот за донација.“, вели проф. д-р Кузмановска.
Лажните лекови кои ви ги продаваат преку Фејсбук можат да наштетат на вашето здравје
Д-р Александра Гавриловска-Брзанов , заменик координаторка за трансплантација, во текот на трибината истакна дека минатата година од 13 пациенти со регистрирана мозочна смрт, согласност за донација на органите од семејството имало за само 3 пациенти. Додека, оваа година, до месец март, имало 6 регистрирани пациенти со мозочна смрт, но ниту една согласност од фамилијата за донирање на органите.
„Мислам дека најголем дел од луѓето се плашат од непознатото. Текот на самиот тој разговор во тие ситуации е премногу емотивен. Ова што сега го правиме е со цел да се зголеми свесноста за органодарителство и за тоа колку е сето ова хумано и е најголемиот чин на човекољубие за да може да се помогне на другите луѓе и во момент кога се губи некој близок.“, вели д-р Гавриловска-Брзанов.