ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.07.2022
Патарините на автопатот Штип – Скопје од денеска во функција

Патарините на автопатот Штип – Скопје од денеска се во функција, патувањето до Скопје и Свети Николе станува значително поскапо, 320 денари во двата правци.

По нешто повеќе од три години од пуштањето во употреба, двете патарини на автопатот Штип Скопје се пуштени во употреба. Едната патарина е кај селото Кадрифаково, на релацијата помеѓу Штип и Свети Николе. Втората пак е кај Преод, помеѓу Свети Николе и Миладиновци. Според плановите, патарините требаше да бидат пуштени нешто порано, но одложувањето беше поради една сообраќајка и неколку одрони. Најпрвин камион уништи дел од патарината кај Кадрифаково, па требаше време да се санира штетата. Потоа, неколку големи одрони на релацијата меѓу Свети Николе и Миладиновци стоеја долго време, и тоа веројатно придонесе одговорните да не се одлучат на функционирање на патарините.

За најчестите учесници во сообраќајот, патничките возила, сега патувањето од Штип до Скопје ќе чини дополнителни 320 денари. 50 денари е патарината кај Кадрифаково, 70 кај Преод, со 40 денари кај Миладиновци се доаѓа до сумата од 160 денари во еден правец. Реакциите во јавноста веќе ги има, во нив преовладува и најчестиот – партиски момент. Како и се друго, и ова кај нас е предмет на партиски поделби и коментари.

За патарините има консензус, за се друго, политичарите „ревносни“ борци

За волја на вистината, јасно беше од почетокот на изградбата на автопатот дека патарини ќе има. Затоа, чудни и непотребни се обидите на партиско ниво да се коментира и поентира. Истите тие кои коментираат, можеби треба енергијата и коментарите да ги насочат во друга насока. Треба да бараат од политичарите да покренат постапка за измена на  начиногт на плаќање на патарините. Политичарите вешто ја избегнуваат темата за воведување на пример на системот на вињетки, како во Бугарија. За таа тема сите, независно дали се од власт или опозиција, мудро молчат. Како и не би, кога се тоа бааги работни места на кои можат да вдомуваат партиски послушници, редовна пракса во нашето функционирање како држава.

За жал, тоа е дволичноста на нашето политичко живеење – за прашања од кои зависи доаѓањето на власт на одредена политичка опција ќе се троши енергија, политичарите ако треба и ќе се степаат, ќе се колнат, но за прашања кои се важни за граѓаните, мудро и премолчано ќе избегнуваат. Така е долги години за патните трошоци кои функционерите си ги наплатуваат, така е и за патарините – кога е нивниот интерес во прашање, нема власт и опозиција. Единствено тогаш се демонстрира единството кое граѓаните постојкано го бараат од нив.

Наскоро, за патарини од Штип до Скопје 320 денари

Нејсе, од понеделник, 18 јули, две нови патарини на автопатот Штип – Скопје, еве ги цените:

ПРЕОД

1А Категорија – 40 денари

1Б Категорија – 70 денари

2-ра Категорија – 100 денари

3-та Категорија – 180 денари

4-та Категорија – 270 денари

КАДРИФАКОВО

1А Категорија – 30 денари

1Б Категорија – 50 денари

2-ра Категорија – 80 денари

3-та Категорија – 150 денари

4-та Категорија – 220 денари

Изградбата на двете патарини чинеше близу 5 милиони евра.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?