

Youth on board претставува здружение за културен и едукативен развој, чиј фокус на работа се заснова на младите. Многуте проекти кои се организирани од оваа Организација се популарни меѓу младите и будат голем интерес за учество. Повеќе за каков тип проекти станува збор и како и вие да станете дел од големото семејство на YoB ни кажа Кирил Јорданов.
“Организираме различни проекти и програми кои најчесто ги базираме на потребите и барањата на младите и грaѓаните. Темите на кои се работи се: вештини, лидерство, лобирање и застапување, животна средина и заштита, човечки права, развивање на руралните средини, спорт, физичко и ментално здравје, програми за изучување на странски јазици, дигитални вештини, претприемачки вештини, брендирање, јавно говорење, меѓукултурна соработка, дискриминација, граѓански активизам и негови форми, медијација и конструктивен дијалог и други теми кои оставаат позитивна трага во младинските капацитети. Лично, успешноста на нашето работење и резултатот од проектите го гледам низ призмата на бројните сведоштва кои ги имаме од страна на учесниците на нашите програми и проекти.”, вели Јорданов.

Повеќе за искуството и учеството во проект организиран од YoB може да прочитате овде: https://goce.mk/makedonskata-kultura-prezentirana-pred-mladi-od-evropa-na-karibskiot-ostrov-gvadalupe/
За организација на овие проекти се соработува со локални, но и национални и интернационални организации. Најголем интерес, младите пројавуваат за Еразмус + проектите.
“Ни претстојат многу размени, но и тековно работиме на аплицирање на нови проекти со што бројот на размените, тренинг курсевите, програмите и проектите ќе се зголемува. Во блиска иднина ќе имаме проекти во Шпанија, Португалија, Литванија, Полска, Грција, Романија, Унгарија и други европски држави. Според мене, кога се гледа од призмата на младите, најголем интерес побудуваат можноста за патување и забава. Но, сепак програмата Еразмус+ е едукативна програма и иако младите можеби не го ставаат тоа како приоритет кога се одучуваат да се пријават, сепак овој едукативен аспект е неизбежен за сите учесници во програмата.”, вели Јорданов.
Во моментов, Организацијата брои околу 200 активни членови, но во текот на годините учество во проекти земале околу 2000 млади. Статистички , овој податок се смета како успешен и Јорданов смета дека младите покажуваат голем интерес за учество и членување во Youth on board.
“Има голем број на млади кои учестуваат во нашите програми и проекти. Mе радува статистичкиот податок дека овој број од година во година се зголемува. Интересно е тоа што веќе имаме членови со кои многу време сме заедно и кои се приклучуваат како дел од тимот кој ги креира програмите и проектите и кој работи за младите и со младите. Големо задоволство причинува сликата на многу успешни приказни поврзани со развојот и напредокот кој произлегува од нашето работење. На самиот почеток младите ќе се запознаат со свои врсници и ќе разменат искуства и контакти.Во процесот на работењето со нас ќе научат за различни теми, ќе се надоградат во различни области, ќе имаат шанса да бидат креатори на идните настани или програми, ќе бидат дел од размените и проектите кои ги организираме за нив и на крај, ќе се изградат во личности кои ќе имаат отворени погледи кон светот и европските вредности.”, вели Јорданов.

Доколку и вие сакате да сте член на оваа Организација и да стекнете искуство во разни области преку забава и патувања, можете да се пријавите на линкот: https://youthonboard.com.mk/volunteer-with-us/