
Учениците кои не успеаа да се запишат во средно училиште во првиот уписен рок добиваат нова шанса. Вториот уписен рок за учебната 2026/2027 година започнува во вторник, 23 јуни, а во средните училишта низ државата остануваат слободни вкупно 11.882 места.

Според информациите од Министерството за образование и наука (МОН), електронското пријавување ќе се реализира на 23 јуни, додека потребната документација кандидатите ќе треба да ја достават до училиштата на 24 јуни.
Резултатите од запишувањето ќе бидат објавени на 25 јуни до 12 часот преку интернет-страниците и огласните табли на училиштата.
Од вкупниот број слободни места, 7.404 се за настава на македонски јазик, 4.002 за настава на албански јазик, 456 за настава на турски јазик и 20 места за настава на српски јазик.
Доколку во некое училиште има повеќе кандидати со ист број бодови од предвидените слободни места, ќе се организира квалификациско тестирање. За вториот јунски уписен рок тестирањето е закажано за 29 јуни, а истиот ден ќе бидат објавени и конечните ранг-листи.
МОН ги повикува учениците внимателно да ги проверат условите и слободните места во училиштата пред да ја поднесат својата пријава.