Попис 2021 – само 17.3 % од населението во Македонија е со високо образование, наспроти честите коментари дека има премногу универзитети. Од друга страна, речиси 19.000 лица се неписмени, а околу 23.000 се без образование.
Ова се податоци од Пописот, кои се однесуваат на образовните карактеристики на лицата, објавени денеска. Државниот завод за статистика објави трет сет на пописни податоци кои се однесуваат на образовните и економските карактеристики на лицата, лицата со попреченост и дел од карактеристиките на живеалиштата и становите.
Според објавените податоци на ДЗС, Пописот 2021 покажал дека во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, според писменоста, регистрирани се 18 897 неписмени лица или 1.2 % . Од овие лица, најголем дел се жени – 13 380, a 5 517 се мажи.
Според највисокиот степен на школска подготовка, во вкупното резидентното население на возраст од 15 години и повеќе, регистрирани се: 23 192 лица или 1.5 % без образование, 62 129 лица или 4.1 % се со незавршено основно образование, 423 456 лица или 27.8 % се со основно образование, 672 375 лица или 44.1 % се со средно образование, 263 349 лица или 17.3 % се со високо образование, 29 654 лица или 1.9 % се со магистратура, 6 037 лица или 0,4 % се со докторат, а 45 174 лица или 3.0 % се со непозната школска подготовка.
Во Македонија има 1.83 милиони жители, а 1.75 милиони корисници на интернет?
Овој попис покажа дека според видот на највисокиот степен на школска подготовка, во државава најмногу се инженери од разни струки, а најмалку информатичари – 189 736 лица или 18.7 % се од областа Инженерство, производство и градежништво, а само 19 044 лица или 1.9 % се од областа Информатичко-комуникациски технологии.
Во вкупното резидентно население на возраст од 5 години и повеќе, кои се во процесот на формалното (редовно) образование најмногу има ученици во основно образование, околу 100.000 помалку се во средно училиште односно 186 570 лица или 10.7 % посетуваат основно образование, 80 378 лица или 4.6 % се во средното образование, додека 93 804 лица или 5.4 % се во високото образование, на магистратура и на докторски студии.