
Во судскиот процес на Твитер против најбогатиот човек на светот, Илон Маск, кој првично најави купување на оваа социјална мрежа, а потоа се откажа, беа објавени пораки кои покажуваат како дошло до конфликтот со директорот на компанијата, Параг Агравал.
На крајот на март стана јасно дека Илон Маск е заинтересиран за купување на Твитер, а во пораките се наведува и како се започнало.

На 27 март, Параг Агравал му се обраќа на Маск: „Еј Илон – одлично е што сум директно поврзан. Би сакал да разговараме“, вели тој. На Илон Маск му се допадна пораката и одговори: „Можеби вечерва околу 8?“.
До 31 март била договорена вечера во близина на Сан Хозе, бидејќи работата навистина се вжештувала. Неколку дена подоцна беше објавено дека Илон Маск ќе се приклучи на одборот на компанијата.
Потоа различни имиња почнуваат да му испраќаат пораки на Илон Маск. Подкастерот Џо Роган го праша Маск дали ќе го „ослободи Твитер од цензурата“. „Ќе дадам совет, кој можеби ќе одлучат да го следат а можеби и не“, одговори Маск тогаш.
На 5 април, Џек Дорси, поранешниот извршен директор на Твитер, му кажал на Маск дека Агравал е „неверојатен инженер“, но дека одборот на Твитер е „ужасен“. До 7 април, Агравал и Маск почнаа да ги зајакнуваат своите односи во врска со кодирање во нешто што изгледаше како почеток на навидум убава работна врска. Но, тогаш се случи катастрофа.
На 9 април, Маск твитна прашувајќи зошто најследените Твитер акаунти не се толку активни. „Дали Твитер умира?“, гласеше твитот.
Most of these “top” accounts tweet rarely and post very little content.
Is Twitter dying? https://t.co/lj9rRXfDHE
— Elon Musk (@elonmusk) April 9, 2022
Ова го налути г-дин Агравал кој му испратил порака подоцна истиот ден: „Слободно можете да твитате „дали Твитер умира? или било што друго за Твитер – но моја одговорност е да ви кажам дека тоа не ми помага да го направам Твитер подобар“.
Познато е дека Илон Маск не сака да му кажуваат што да прави – особено дали и што може да твита. Не можеме да бидеме сигурни што се случувало зад сцената, но се чини дека оваа порака го налути Илон Маск, бидејќи неколку часа подоцна испука низа лути пораки.
„Што направивте оваа недела?… Јас не се приклучувам на одборот… Ова е губење време. Ќе се обидам да го направам Твитер приватен“.
Се чини дека Агравал останал збунет од пораките на Маск, поради што го повикал Брет Тејлор, член на одборот, кој очајнички се обидува да сфати што се случува и да ја реши ситуацијата.
„Параг само ми се јави и ги спомна твоите пораки. Можеш ли да зборуваш?“, вели тој, на што Маск одговара: „Муабет со Праг нема да го поправи Твитер“.
„Можете ли да одвоите 10 минути за да разговарате со мене? Поминаа околу 24 часа откако се приклучивте на одборот. Ја разбирам вашата поента, но само сакам да го разберам ненадејниот пресврт“, прашува Тејлор.
Илон Маск потоа дава понуда од 44 милијарди долари за Твитер. На 25 април управниот одбор ја прифаќа понудата.
Следниот ден, Џек Дорси повторно се обидува да ја поправи врската меѓу двајцата. Договара повик, но и тоа не оди добро.
„Јас и ти целосно се согласуваме“, му рекол Маск на Џек Дорси по повикот, додавајќи: „Параг само се движи премногу бавно и се обидува да ги задоволи луѓето кои нема да бидат среќни што и да направи тој“.
Дорси одговора: „Барем стана јасно дека не можете да работите заедно“.
Оттаму, односот меѓу Маск и Твитер стануваше се полош и полош. Маск на крајот се обиде целосно да се повлече од договорот во јули. Но, Твитер сепак го одобри купувањето во септември.
Судскиот случај во Делавер во средината на октомври ќе одлучи дали ќе му биде дозволено да се повлече од договорот – или ќе биде принуден да ја купи компанијата. Но, пораките покажуваат дека врската меѓу извршниот директор на Твитер и Илон Маск завршила многу порано.