
За илјадници ученици низ Македонија денеска ѕвони последното училишно ѕвонче за учебната 2025/2026 година. Со завршувањето на наставата, основците и средношколците официјално заминуваат на летен распуст кој ќе трае до 31 август.
По девет месеци учење, тестови и домашни задачи, учениците конечно добиваат речиси три месеци одмор. Сепак, за дел од нив летото нема да започне веднаш.
Повеќе од 14.500 матуранти наставата ја завршија уште на 15 мај, но пред нив останува најважниот предизвик од средношколското образование – државната матура. Утре, на 11 јуни, матурантите кои се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик – македонски, албански, турски или српски јазик. Кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура истиот испит ќе го полагаат на 12 јуни.
Според податоците, годинава за матура се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 се пријавиле за државна стручна матура, а 127 ученици за државна уметничка матура.

Во меѓувреме, за учениците кои го завршија деветто одделение започнува нова етапа – уписите во средно образование. Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk, користејќи ги корисничките профили од системот schools.mk. По електронската апликација, кандидатите ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата во кои конкурираат.
Министерството за образование и наука предвидува две електронски пријавувања во јуни. Првиот уписен рок ќе трае од 12 до 15 јуни, додека второто пријавување е закажано за 23 јуни. За учениците кои нема да се запишат во јуни, ќе има уште една можност на 20 август.
Добрата вест за идните средношколци е што годинава има повеќе од 25.000 слободни места во 109 јавни средни училишта низ државата. Најголем дел од нив – над 17.000 места – се наменети за стручно образование, околу 6.000 места има во гимназиите, додека 570 места се предвидени за уметничките училишта.
Последниот училиштен ден за едни значи почеток на заслужен одмор, а за други старт на нови предизвици. Додека матурантите ги бројат деновите до резултатите од матурата, полуматурантите веќе ја планираат следната важна одлука – изборот на средно училиште и идната професија.