ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.03.2026
Последиците од насилството се секаде околу нас

Семејното насилство постојано е во пораст, а системот е нем за пријавите и спроведувањето на правдата. Одговорноста припаѓа на сите нас, а често и „вртиме глава“ на случувањата, несфаќајќи дека последиците од насилната средина, директни или индиректни, се секаде околу нас и нѐ засегаат сите нас.

Според м-р Давид Тасевски, во пракса многу често и сторителите на насилство, но и жртвите потекнувале од насилна средина. М-р Тасевски е психолог и психотерапевт, кому една од специјалностите му е токму работа и психолошко советување со жртвите на семејно насилство. Тој потенцира дека насилството е избор, и вината и одговорноста припаѓаат на сторителите на насилство, а не на жртвата.

Скорешните случувања потврдија дека системот и општеството често сакаат вината да ја препишуваат на жртвата. Неспособноста да се преземат мерки, и после пријавите во неколку наврати, резултира со трагични последици, кои во нашата држава се сѐ почести.

Семејното насилство во пораст, лош тренд на обвинување на жртвите

„Треба да разбереме дека и ние имаме одговорност, како граѓани, да реагирааме, зашто сите во некаква форма сме засегнати од насилство. Овде припаѓа и булингот. Можеби ние ќе игнорираме насилство, но ќе се погоди да нашето дете оди во училиште со дете кое доаѓа од семејство со насилни обрасци и едноставно ние да го доживееме ефектот од насилното однесување на детето кое доаѓа од насилна средина.“, вели м-р Тасевски.

Како до поефикасни Центри за жртви на насилство

Семејното насилство може да биде во повеќе форми. Покрај физичкото, постојат и форми на психолошко насилство, економско насилство и процес на изолирање на жртвата. Долгогодишното насилство е процес кој резултира со предизвикување на „безизлезна ситуација“ на жртвата, но и промена на начинот на кој жрвата се доживува себеси.

„Долгогодишното насилство оневозможува за жртвите да ги погледнат работите на поразличен начин. Имаме и момент на економско насилство. Дополнително, сторителите знаат и да ги изолираат жртвите од семејството и пријателите. Започнуваат да се појавуваат и на нивното работно место. После одредено време  жртвата е принудена и да се откаже од работа. Сите овие работи влијаат да жртвата полека го губи капацитетот за да може во одреден момент да се повлече, да побара помош и да најде ресурси за да може самостојно да продолжи понатаму.“, вели м-р Тасевски.

Шелтер центрите во државава со делумен капацитет

Иако во државата постојат шелтер центри со делумен капацитет, сепак институциите и раководните позиции не се подготвени за справување со овие ситуации.

„Имаме шелтер центри кои голем дел се функционални со обезбедени храна, лекови, хигиенски производи…Се нуди и психосоцијална и правна помош, подготовка на CV, некогаш дури имаат и капацитет да им пронајдат работа на жртвите. Меѓутоа, пред неколку години имаше и претставник од институција каде со лента и новинари отвараше шелтер центар. Тоа е прва и основна грешка, откривање на локацијата, која не треба да се случува. Сѐ уште на клучни позиции имаме , под тоа мислам позиции кои се засегнати и одлучуваат за овие конкретни ситуации, за регулирање на проблемите, имаме луѓе кои немаат познавање. Од нив не може да очекуваме дека ќе ги завршат работите и ќе го дизајнираат системот онака како што би требало да функционира.“, вели м-р Тасевски.

Според м-р Тасевски, со зборување и едукација на овие теми треба да се започне уште од најмала возраст, со деца соодветно според годините. Не треба да дозволиме да создаваме игнорантно општество, кога последиците се фатални. Личната одговорност треба да биде на прво место и треба да бидеме повеќе спремни и емпатични да помогнеме во овие ситуации.

Три типа матура ќе полагаат средношколците годинава
Бројот на ученици и понатаму се намалува