ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.01.2022
Преку новиот Закон за млади можете да се вклучите во носењето на одлуки во државата

Законот за младинско учество и младински политики или скратено Закон за млади ги уредува формите на младинско организирање, можностите за учество на младите во процеси на носење одлуки и креирање на политики. Тоа е краткото објаснување на законот. Ајде да видиме кои се другите можности и што вие како млади можете да искористите од тоа?

Според овој закон во рок од 5 години е предвидено во секоја општина да има барем по еден Младински центар. Драгана – Дина Митровиќ е во невладиниот сектор долги години. Има огромно искуство со младински организации и еден од малкуте активисти кои придонесе за подобар закон за млади. Според неа целта е младите да се вклучуваат повеќе и таа ги повикува постојано да земат учество.

Младите треба да се вклучат во локалните младински совети!

“Институциите сметам дека не работат со полн капацитет за да бидеме сигурни дека сите млади се задоволително информирани, а на младинските и организациите за млади – кои и не се премногу! – реално, им недостигаат и капацитети и ресурси, особено бидејќи многу често работат волонтерски. Од друга страна, се отвораат и прашањата – колку се младите самите заинтересирани и активни во барање и искористување на можностите за едукација, учество и информирање? Од моето искуство, заклучувам дека и младите треба малку повеќе самите да се вложат за да се подобруваат работите… И, верувам дека сите треба малку повеќе да работиме на подигање на интересот и мотивацијата на младите за учество и едукација.”, посочува Митровиќ.


“Најголем дел од младите не волонтирале затоа што никој не ги повикал”


Пожелно е младите да се вклучат и во Локалните младински совети кои се еден вид претставничко тело на младите во општините или пак во Младинските центри. Тие спроведуваат програми кои ја подобруваат состојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите.

Драгана – Дина Митровиќ

Што претставуваат Локалните младински совети?

“Моќта и улогата на локалните младински совети е од огромно значење за младите. Тоа е една од алатките за постигнување на суштинско учество на младите, ги претставува младите од заедницата и се застапува за нивните интереси и потреби пред носителите на одлуки на локално ниво. Правата и обврските на членовите на Локалниот младински совет опфаќаат иницирање на прашања за млади од делокругот на општините; иницирање, учество во и давање повратни информации за процесите на креирање на локални младински стратегии и други локални младински или политики кои ги засегаат младите; доставување на информации до општините за младински прашања; предлагање на точки (поврзани со младински прашања) на дневен ред на Советот на општините, и сл.”, вели Митровиќ.

Практично овие младински совети функционираат како тело кое има можност да ги менува одлуките или да носи свои одлуки на локално ниво. Младинските центри, од друга страна пак, се уште една дополнителна можност за младите.

Зошто се важни Младинските центри?

“Младинскиот центар треба да се основа во соработка помеѓу општините и младинските форми на организирање од таа општина. Тие се дополнително регулирани со Правилник за стандарди за квалитет на младинските центри, донесен од Агенцијата за млади и спорт во 2021 година. Со правилникот е определено на кој начин се основаат и функционираат младинските центри. И Законот и Правилникот се многу значајни документи за нас, бидејќи обезбедуваат законска основа за развој и практикување на младинска работа во секоја општина, односно отворање можности за младите за информирање, едукација, волонтирање, активирање… Младите ќе имаат место што ќе им биде достапно и отворено секој ден (најмалку 40 часа седмично) и каде ќе можат конструктивно и корисно да го поминуваат слободното време, да учат, да се дружат, да спроведуваат иницијативи…”, посочува Митровиќ.


“Невработеноста најголем проблем за младите, кои не се задоволни од мерките и политиките за млади”


Според Митровиќ, најдобро е младите да се вклучат веднаш во активностите на локално ниво. Тие треба да размислат и одберат на каков начин би сакале да заземат придонес во локалната заедница бидејќи опции постојат многу.

“Младите може да се вклучат преку иницијативи што би ги спровеле со свои пријатели, или во активностите на некоја младинска или организација за млади, или пак и самите да формираат здружение. Тие треба да следат повици за размени, за обуки и работилници, да се вклучуваат бидејќи покрај учењето на нови работи кои најчесто се многу корисни, исто толку важно е и дружењето со врсниците и стекнување со искуство. Дури и за младите под 15 години има можност во сите училишта да се вклучат во ученички организации или парламенти.”, вели Митровиќ.

Митровиќ е согласна дека младите слабо се информирани, иако постојат многу можности за нивно информирање.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?