ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
18.06.2026
Проект на МОН против врсничкото насилство
Автор: Goce Author

Министерството за образование и наука започнува нов проект насочен кон рано препознавање и спречување на семејното и врсничкото насилство, со цел да се воспостави траен систем за заштита на децата преку образовниот систем.

Проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ обединува повеќе институции, граѓански организации и училишта, а неговата реализација е предвидена да трае една година.

На промоцијата во Владата, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека проектот директно се насочува кон еден од клучните причинители на врсничкото насилство – семејното насилство.

„Децата не стануваат агресивни во училиште, туку најчесто доаѓаат со такви модели на однесување од дома. Затоа ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при случаи на семејно насилство врз деца или нивно занемарување“, рече Јаневска.

Студија за врсничко насилство нуди решенија

Таа најави дека веќе следната недела ќе започнат обуки за училишните психолози, педагози и социјални работници во основното образование, со цел да се зајакнат нивните капацитети за препознавање на децата кои се жртви на насилство и навремено преземање соодветни мерки.

Покрај обуките, ќе се организираат и дискусии со наставници, родители и ученици за подигнување на јавната свест и зајакнување на соработката меѓу семејствата, училиштата и институциите. Врз основа на добиените искуства и препораки ќе биде изработен и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство.

Врсничкото насилство не се појавува изолирано

Поддршка на иницијативата дадоа и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Лимани истакна дека врсничкото насилство не се појавува изолирано, туку често е последица на нарушени семејни односи, изложеност на насилство, недостаток на емоционална поддршка и негативни влијанија од дигиталниот простор.

„Нашата цел се училишта без страв, семејства во кои се негува почит и разбирање и општество во кое насилството нема место“, порача Лимани.

Тошковски нагласи дека податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат паралелен раст и на семејното и на врсничкото насилство.

„Не можеме секогаш директно да ги поврземе овие случаи, но изложеноста на насилство во домот е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија. Затоа полицијата е вклучена во проектот уште од самиот почеток“, рече Тошковски.

УНИЦЕФ: Малтретирањето во училиштата е во пораст

Од Комората на психолози посочија дека агресивното однесување кај децата често е последица на претходно доживеана болка и насилство, предупредувајќи дека без справување со причините, циклусот на насилство може да продолжи и во следните генерации.

Проектот има за цел да создаде систем во кој секое дете навреме ќе биде препознаено, заштитено и поддржано, пред насилството да остави подлабоки последици врз неговиот развој.

(Видео) Александар Величков е најдобриот студент по медицина од УГД Штип
Мојот став: Племето наше е Пиреј ама никнува во Германија