
Студија за врсничко насилство нуди решенија како регулирање на употреба на мобилни телефони, кодекс на однесување, казни за сторителите…
Промена на законската рамка и освен опомена, воведување соодветни конкретни казни за сторителите на врсничко насилство и за нивните родители, бидејќи неказнивоста на булингот предизвикува посериозни проблеми. Ова е една 20-те препораки од испитаници вклучени во истражување кое минатата година било спроведено во општините Кисела Вода, Гази Баба и Куманово и од кое произлегла студијата „За кохезивно и инклузивно општество – холистички пристап“.

Меѓу препораките содржани во оваа студија, која беше промовирана денеска, е и регулирање на употребата на мобилните телефони во наставата како сеопфатна мерка и кодекс на однесување, а не да биде оставено по одлука на градоначалниците.
– Се покажа како сериозен проблем и организираното обезбедување на училиштата. Има конкретен предлог да биде формирана една државна агенција која ќе се грижи за обезбедувањето на училиштата, каде што ќе бидат вработени луѓе едуцирани за безбедност и по еден таков да има вработено во секое училиште, да има комплетен мониторинг и тоа да биде раководено од еден систем, а тие луѓе понатаму би имале комуникација и со МОН, и со МВР, рече Нелко Нелковски од здружението на граѓани „Театар Боеми“ – Скопје кое го спровел истражувањето во рамки на проектот „Хепи хипо шоу – за кохезивно и инклузивно општество“ во чии рамки е подготвена студијата.
„Пријави онлајн насилство“ – платформа за борба против врсничко насилство и говор на омраза
Оваа студија и истражувањето го опсервираат врсничкото насилство во основните и средните училишта и целта е, како што рече тој, „развивање на вкупната свест на општеството и синхрон пристап за сеопфатна промена на размислувањето поврзано со оваа тема“. Со 40 прашања биле анкетирани 306 ученици, наставници, родители и вработени во администрацијата на трите општини и од сето тоа произлегле заклучоци и препораки.